На денешен ден се одбележуваат 74 години од еден трагичен настан во историјата на Македонија, останат во сеќавањата и пишаните документи како Крвавото Коледе.

На 7 јануари 1945 година, првиот ден на Божиќ, по список составен од Лазар Колишевски во Вардарска Македонија се убиени без суд и пресуда 1200 луѓе. На 26 декември 1944 година, неколку дена пред Божиќ 1945 година во касарните во Скопје и Штип се побуниле неколку илјади војници и над 100 офицери. Тие не биле согласни со дојдената заповед од Белград да заминат на фронт во заштита на Србија. Ја изјасниле својата желба војската да се насочи кон Солун, за да се ослободат сонародниците од Егејска Македонија. Пратениците на Тито, Светозар Вукмановиќ – Темпо, Лазар Колишевски и ген. Михајло Апостолски одлучуваат, дека сега е моментот за пресметка со приврзаниците на т.н. „бугарски окупатор“. Тие ги собираат околу себе српските офицери и им кажуваат дека побунениците се „бугараши“, „ванчомихајловисти“, „вмровци“ и „фашисти“. Генералот Апостолски ги примамува побунетите офицери во Офицерскиот клуб во Скопје „за да разговараат за ова прашање”. Таму веднаш ги разоружуваат, апсат и ги затвораат во занданите на старата турска тврдина Кале. По кратко испрашување, водено лично од Темпо само за неколку часа се стрелани над 70 офицери.

Пред испрашувањето Темпо на секој му велел: ‘Хоќеш Солун, ево ти га…’.

Војниците кои веќе се прибрале во касарните почувствувале дека со нивните офицери нешто се случува и околу 1000 од нив повторно се насочуваат кон центарот на Скопје. Таму се пресретнати од добро забарикадирани српски партизани, кои започнуваат против нив безмилосна автоматска стрелба. Убиените на плоштадот се околу 100, над 900 се уапсени и затворени во Скопско кале. Таму се чуваат повеќе од еден месец без леб, вода и ќебиња. Речиси сите умираат од глад и студ. На 6-ти спрема 7-ми јануари 1945 година почнало масовно истребување на градоначалници, свештеници, учители, обични селани низ цела Македонија. Тие биле бележани како “бугараши” и “помагачи на бугарскиот фашистички окупатор” и биле убивани без суд и пресуда. Се употребувал штотуку изгласаниот закон за “Заштита на македонската чест”.

За време на југословенските репресии во 1945 година само во Охридско и Преспанско биле убиени околу 23.000 Македонци, а дополнително уште околу 130.000 биле иселени, прогонувани и испраќани во концентрационите логови на Титова Југославија. Голем број се убиени крај Охридското и Преспанското Езеро, на планината Галичица, во близина на селото Отешево, а телата на убиените се фрлени во Преспанското Езеро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.