Автобус на компанијата „Струмица експрес“ што патува на релација Скопје – Струмица“ има необична моќ да спојува луѓе коишто токму во автобусот се вљубуваат еден во друг и почнуваат врска.

Приказната за автобусот, за ММС, ја раскажува поранешниот возач Мирче Стојанов, кој токму таму првпат ја видел својата идна сопруга.

Едно утро возев на линија Струмица – Скопје во 8.30 часот наутро. Пристигнав во Радовиш, се сеќавам, имаше многу гужва. Автобусот беше преполн, но морав да ги земам патниците бидејќи имаа месечни карти. Меѓу патниците беше и таа, сега мојата сопруга – раскажува Мирче.

Тој вели дека колегите му кажале дека станува збор за „среќен автобус во кој може да си фати девојка“, што на Мирче му дало храброст да ја праша девојката дали сака да пијат кафе.

Ме откачи! Рече дека нема време. А јас веднаш се вљубив во неа и си реков дека мора да биде моја. По таа средба, повеќе не ја видов. Минуваа денови, ја барав меѓу непознатите лица кои се качуваа во автобусот, но неа ја немаше. Се распрашував по колеги дали се’ уште патува со овој превоз и добив потврден одговор. Секако, кога слушнав дека се’ уште патува, ми дојде срцето на место – вели Мирче.

Тој вели дека еден месец подоцна, на враќање од Скопје, имало сообраќајна несреќа пред Лозово, поради што сообраќајот бил блокиран. Сообраќајниот хаос што се создал му овозможил во Штип да пристигне прв од неговата компанија, при што ја видел девојката како чека на станицата.

Како што истакнува, судбината сакала тоа да биде токму на неговиот роденден и најубав роденденски подарок било тоа што ја здогледал.

Веднаш се договорив со колегата да ме смени. Тој да продолжи да вози за Струмица, а јас за Радовиш. За среќа се погоди уште еден колега возач и тој седна на моето возачко место, а јас се возев до неа на патничкото столче. Срамежливо
почнавме да се запознаваме. Веднаш откако ми го кажа нејзиното име, ја поканив на кафе и нормално и на торта бидејќи ми беше родеден. Девојката која веднаш ми влезе во срцето, ми ја одби поканата за кафе и торта, со изговор дека е многу доцна. Повторно се разочарав, но не се откажував. По неколку недели среќата беше на моја страна. Таа од Радовиш се качи во автобус и не губев време. Веднаш ја прашав дали сака да дојде со мене во Скопје. Малку се двоумеше, но на крај прифати. Пристигнавме во Скопје, јас ги завршив моите службени обврски за кои првично морав да одам и потоа го искористивме остатокот од времето да прошетаме низ главниот град, да ручаме и навистина имавме многу возбудлив ден. Но, за мене недоволно. Уште истата вечер ја поканив повторно да излеземе и таа прифати. Почнавме да се дружиме и по некое време започна нашата љубовна врска – раскажува Мирче.

Своја приказна за автобусот на љубовта имаат и Орце и Ели од Велес.

Точно на денот кога правев една година од патувањето на релација Скопје – Велес, 1 јуни 2010 година, се запознав со идната сопруга. Се враќав од работа секогаш со линијата во 16 часот. Тој ден доцнев и влегов последен, па бидејќи немаше место, седнав на кондуктерското место, затоа што возачот Мирче Стојанов, кој исто така ја најде својата љубов во истиот автобус, подоцна ми стана пријател. Додека чекавме на семафори, некој тропна на автобусот, а возачот бидејќи ги познаваше двете патнички, ги качи и ме замоли за едната да направам место, односно да го делиме кондуктерското бидејки му била школска од средно. Не ни претпоставив дека по два месеца освен седиште, ќе делиме и кревет и живот – раскажува Орце

Целата приказна напишана од Весна Петровска ТУКА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.