И Србија се приклучи кон трендот кој започна во Шпанија и во Италија и во 20 часот се аплаудира како поддршка за медицинските лица во борбата против коронавирусот. Самиот чин е и аплауз за секој од нив што и денес успеал да остане дома.

Во Шпанија покрај аплаузот, химна за време на епидемијата стана песната, хит од осумдесетите, „Resistiré“ на Дуо Динамико. Стиховите порачуваат дека „ќе издржам исправен пред сите, ќе ги издржам ударите и нема да се предадам“.

Песната им е позната и на македонските љубители на латиноамерикански серии. Нејзината преработка беше шпица за аргентинската серија „Resistiré“ која своевремено се даваше на „Сител“.

Познатите шпански музичари неодамна се собраа и снимија нова преработка, секој од својот дом.

И Србите, исто така, одбраа насловна песна на сериски филм како тема која ќе ги храбри за време на полицискиот час. Станува збор за песната од Eкстра Нена и Боба Стефановиќ за серијата „Среќни луѓе“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.