Ново сведоштво за измамени туристи преку агенциите „Одмори се“ и „Одмори“ стигнало до редакцијата на „Независен“. Станува збор за две девојки кои уплатиле аранжман за Минхен, Германија, кој требало да се реализира од 23 до 26 март годинава.
И во овој случај сопствениците на агенциите, братот и сестрата Ненад и Тања Марковски, работеле по ист принцип како и претходно. Преку онлајн-комуникација на потрошувачите им се претставуваат како агенција со име „Одмори се“, таков е и називот на нивната страница на Фејсбук „Odmorise.mk“. Тие ги нудат своите аранжмани со име од првата фирма, а наплатата ја вршат на жиро-сметка од другата фирма со слично име – „Одмори“.
Во последниот случај за Минхен, двете девојки преку онлајн-комуникација ја договараат турата и сè тече нормално и уверливо. Но, откако ја уплаќаат побараната сума на сметка, вкупно 31.248 илјади денари, комуникацијата станува сè поретка, па девојките почнуваат да инсистираат да добијат потврда за резервација во хотел и за чекирани авионски карти.
Но, на два дена пред да се реализира патувањето, наместо да добијат потврди и чекирани авионски карти, тие добиваат известување дека настанал проблем и за тие конкретни датуми не може да се реализира турата. Им биле понудени други тури или промена на датуми, но бидејќи и двете девојки се вработени, не можеле така лесно да ги менуваат плановите со слободните денови и одлучиле целосно да го откажат патувањето. Им било ветено дека парите ќе им бидат вратени, но тоа не се случило.
За овој случај, велат дека поднеле пријави до Државниот пазарен инспекторат и до Организацијата за заштита на потрошувачи, а најавуваат и судска разрешница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.