На денешен ден во 1883 година е роден Панко Брашнаров, македонски национален деец, народен учител, хуманист, најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ, прв претседавач на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв повереник на првата привремена влада на Македонија и иницијатор за формирање на првата новинска агенција на Македонија. Брашнаров беше најблизок соработник на Методија Андонов-Ченто. Почина на Голи Оток, на 13 јули 1951 година, како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор.
Панко Брашнаров е роден во Велес. Образованието го почнува во родниот град во месната Егзархиска прогимназиja. По завршувањето на прогимназијата, во 1900 година школувањето го продолжува во Машкото педагошко училиште во Скопје. Учителствувањето го почнува во кумановските села каде почнува да ги шири првите револуционерни идеи. По Младотурската револуција зачленува во Народната федеративна партија. Учителствува до почетокот на Балканските војни како егзархиски учител.
Уште пред Балканските војни учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес која е дел од Македонско-одринската социјалдемократска група на членовите на Бугарската работничка социјалдемократска партија. Соработува во органот на Васил Главинов, „Класно сознание“. По војните во 1914 година пребегал во Бугарија. Завршил Виши педагошки курс на Егзархијата во Пловдив во 1915 година. За време на Првата светска војна станал воjник во Единаесетта пешадиска македонска дивизија на бугарската војска и бил испратен на фронтот кај Дојран.
По Првата светска војна, во 1919 година Брашнаров се враќа во Вардарска Македонија. Србите му нудат да работи како учител, но тој одбива. Работел како воденичар, градинар и крчмар. Станува член на Комунистичката партија на Југославија. Во текот на 1920-тите учествува на повеќе конференции и конгреси на КПЈ. Така, во 1920 г. е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 г. учествува на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 г. е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 г. учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена.
На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв централен комитет. Во август 1926 година е уапсен и во април 1927 година е осуден на две-годишна робија. Од затвор излегува во февруари 1928 година. Кон крајот на мај 1929 година, на пат за конгресот на ВМРО (Обединета) во Берлин, е уапсен на југословенско-австриската граница. По настанатата голема провала на ВМРО (Обединета) во Вардарска Македонија на 5 јули 1929 година, Брашнаров е спроведен назад во Велес. На судењето во јуни 1930 година тој е осуден на пет години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од робија, политички се повлекува.
По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров бил член на Бугарскиот централен акционен комитет, а потоа повторно станува бугарски учител (бидејќи администрацијата била бугарска). Од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.
По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година.
По објавувањето на Резолуцијата на Информбирото против раководството на КПЈ во јуни 1948 година, Брашнаров недвосмислено застанува на страната на СССР и Сталин во спорот. На 1 октомври 1948 година, заедно со Павел Шатев, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека:
Прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК на КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји… Таа парола, тоа становиште за обединување на македонскиот народ во рамките на ФНРЈ имаше смисла во 1943/44 година, кога македонскиот народ беше поставен пред алтернативата или да остане како јужно-србијанец, т.е. да биде оставен на српска асимилација, односно фактички да биде уништен од една страна. Од друга, постоечкиот чисто фашистички режим во Бугарија, фактички веќе окупирана од Германците, наспроти напорите, спротивставувањето и борбите на прогресивните елементи и сили во државата на чело со БРП(к), не дозволи тие да излезат на површината, да се пројават посилно и поотворено, за да можеше да се постави конкретно и поинаку целосното ослободување и обединување на македонскиот народ. Но, сега кога во Бугарија на чело стои БРП(к) која во ништо не заостанува зад КПЈ, нема смисла да се натпреваруваме за заземање или заграбување земји, што припаѓаат на самиот македонски народ, а не на ЦК на ЈКП.
Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци“. Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира.
60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.