Тиквешката винска приказна добива музеј на виното во Кавадарци. Во тек е реконструкција на поранешната винска куќа во градскиот парк, кој важи за еден од најубавите во државата.
Традицијата на винарство на овие простори е повеќевековна. Уште од времето на Римската Империја е запишано дека овде се создавале чудесно моќни вина со мирис на југот, вкус на песната и насмевките на луѓето што живеат на овие простори, за МИА вели Весела Честоева, кустос, археолог и историчар на уметност при Музеј галерија Кавадарци.
Таа е ангажирана како раководител на проектот за новиот музеј, ентериерно уредување на поставката. Појаснува дека винскиот музеј ќе биде формиран како локална установа од областа на културата во Тиквешкиот регион. По својата форма тој ќе претставува специјализиран
локален музеј што ќе содржи минимум една музејска збирка од значајно културно наследство, согласно Законот за заштита на културно наследство.
Музејот ќе ги обединува сите музеолошки дисциплини во себе. Археолошка, етнолошка и историска. Тој ќе биде институционален носител на целокупната музејска дејност во делот на винарството, во цел регион на винските патишта.
Голем е опусот на археолошки предмети и епиграфски споменици што зборуваат за богатата традиција на винската култура, забележани преку многубројните прикази на богот Дионис – богот на виното и баханалиите, разни пехари за пиење вино, антички садови за мешање вино, како и алати за обработка на земјата. Не случајно централната манифестација во овој регион се одбележува на верскиот празник свети Трифун, кој се смета за заштитник на лозарите и виното, нагласува Честоева.
Таа најавува дека условите за работа во новиот објект од областа на културата ќе бидат модерни, технолошко современи и приспособени за оваа дејност. Во објектот ќе има изложбена просторија за постојаната поставка (музејски дел), опремена со современа опрема според
музеолошките стандарди, комерцијален дел каде ќе бидат изложени вина од винариите во Тиквешијата, со продавница за вино и сувенири и библиотека со информативни содржини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.