Мумијата од кумановското село Липково, стара околу 25 века, ќе биде еден од ексклузивните експонати на специјализираната музејска поставка на Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје, најавува проф. д-р Александар Станков, раководител на Институтот за судска медицина и криминалистика. Според него, време е да се реобнови поставката и Институтот, како сите слични институции во светот, да си добие своја музејска поставка. Таа првенствено би им служела на студентите, но би била отворена и за јавноста.

– За две години Институтот ќе прославува јубилејни 70 години од основањето. Овој период мора некаде да биде изложен, а најсоодветно место е музеј – вели Станков за Факултети.мк.

Станков вели дека се решени да се обнови музејот. Треба да се најде соодветна просторија, доволно голема и пристапна, за да се изложат експонатите, но потребно е и време за да се обнови колекцијата.

– Верувам дека ќе успееме да ги обезбедиме сите услови за повторно да го отвориме нашиот музеј. Веќе почнавме со обновувањето на колекцијата. Планираме еден дел од музејот да биде посветен на историјата на Институтот, додека во останатиот дел ќе бидат изложени експонати од секојдневната судско-медицинска практика – разни повреди на делови од човечкото тело предизвикани со најразлични средства, оружја и орудија, стара медицинска опрема користена на Институтот, документи поврзани со одредени интересни случаи, се разбира, мумијата што ја имаме ќе биде дел од овој музеј – објаснува Станков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.