Пред десетина дена во Нов Зеланд започна судењето за сомнителното убиство на 22-годишната авантуристка и светска патничка од Велика Британија, Грејс Милан.
За нејзиното убиство е обвинет 27-годишник, кој наводно, ја задавил додека имале сексуални односи. Обвинетиот тврди дека нејзината смрт била несреќа што се случила при практикување на груб секс, на кој двајцата се согласиле.
На судењето, се дозна дека Милан често посетувала страници во кои се наоѓаат луѓе што практикуваат груби форми на секс (BDSM).
Бранителот на обвинетиот како сведок во судењето го повикал и поранешниот партнер на Грејс, кој во судот потврдил дека и тој ја давел за време на сексуални односи и дека додека биле интимни, користеле безбеден систем на зборови и сигнали за да се осигурат дека нејзиниот живот никогаш нема да биде загрозен.
За време на судењето, исто така се дозна дека Британката, таа кобна вечер конзумирала големи количини алкохол, што можело да доведе до запирање на работата на срцето во случај на задушување, пишува „Скај њуз“, а пренесува „Индекс“.
Милан исчезна на почетокот на декември минатата година во Аукленд, Нов Зеланд, а нејзиното тело беше пронајдено девет дена подоцна во ковчег во грмушки недалеку од планинскиот венец Вајтакир.
Истрагата покажа дека таа починала од давење по состанокот што го договорила преку апликацијата „Тиндер“. 27-годишникот, кој наводно ја задавил додека имале секс, е обвинет за убиството.
„Само две лица знаат што се случило во собата. Едното не може да ни каже ништо, а другото засега не ја кажа вистината“, изјави обвинителот Робин МекКобри алудирајќи на исказите на обвинетиот кој тврди дека станува збор за несреќен случај при сексуален однос меѓу двајца млади.
Обвинителите велат дека судот треба да го земе предвид она што се случувало откако Милан починала. Доказите покажуваат дека ден по нејзината смрт, обвинетиот договорил друг состанок преку „Тиндер“, купил прибор за чистење и ковчег и изнајмил возило.
„Тој мирно, ладнокрвно и методично се обидел да ги отстрани сите докази кој го поврзувале со Милан“, рече МекКобри.
Додал и дека обвинетиот не бил вознемирен поради смртта на несреќната Милан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.