Македонската зелена идеја „Вајс адитив“ на Софија Дацева победи на регионален натпревар. Дацева победи во категоријата „Зелени идеи – поддршка до 10.000 долари“ на деветтиот регионален натпревар на зелени идеи. Тој годинава се одржа во он-лајн формат на 3. и 4. овој месец. „Вајс адитив“ воедно стана седмата македонска зелена идеја која е наградена на регионално ниво.

Би сакала да изразам голема благодарност до целиот тим на АРНО за константната поддршка и шансата за учество на регионалниот натпревар. Наградите од националниот и регионалниот натпревар ќе ни помогнат да го оптимизираме веќе развиениот производ на мултифункционален адитив од комиње. Посебно сум среќна што „ВАЈС Адитив“ беше избран како еден од победниците на „Balkan Green Ideas 2020“. Се надевам дека во иднина како земја ќе продолжиме да се движиме во насока на развој на бизниси кои имаат зелена компонента,“ изјави Дацева.

Речиси една деценија, натпреварот „Зелени идеи“ поддржува воспоставување и развој на успешни бизнис идеи во регионот на Западен Балкан.

Овој регионален натпревар, исто така, постојано ја поддржува улогата на филантропијата во ангажирање на локалните заедници за развивање на зелени бизнис идеи. Тие најчесто ги користат локалните ресурси и ги ревитализираат исчезнатите традиционални синџири на производство во локалните заедници.

Ова е петти пат македонските зелени идеи да се наградени на регионално ниво. Досега вкупно седум македонски победнички идеи имаат освоено по 10.000 долари за реализација на зелените бизниси.

Уште еднаш докажавме дека во нашата земја има оригинални зелени идеи. Млади лица кои посветено работат на подобрување на зелената и социјална економија во нашата земја. Овогодинешниот регионален натпревар на зелени идеи имаше огромна конкуренција. Честитки што токму наша идеја е меѓу првопласираните победници.

АРНО го администрира овој натпревар веќе шест години по ред. Затоа што како организација веруваме дека ваквите активности помагаат за развивање на малите локални бизниси. Сето тоа придонесува кон развој на социјалното претприемништво и зелената економија во нашата земја. “ – изјави Ивона Крстевска од АРНО.

Зелени идеи* е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални, зелени бизнис идеи. Освен во нашата земја натпреварот се одржува и во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Грција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.