Летното сметање на времето во 2021 година во Македонија започнува на 28 март во 02:00 часот. Тоа значи дека во сабота навечер повторно ќе ги поместуваме часовниците, овојпат еден час нанапред.

Дека треба да се престане со поместување на часовникот се согласија 84% отсто од граѓаните на ЕУ, по што тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во 2018 го најави престанокот на зимското и летното сметање на времето. Потоа, во 2019 година, и Европскиот парламент со големо мнозинство се изјасни „за“ престанок на менување на времето и како датум го наведе април 2021 година. Тогаш и премиерот Зоран Заев изјави дека доколку така се одлучи во Европа, и Македонија ќе го следи примерот на едно време.

Но, дали поради пандемијата, дали поради други фактори, предлог-директивата што ја предложи Европската комисија во 2018 година за сметање на времето сѐ уште не е усвоена.

Како што објаснуваат од македонската влада, затоа што сѐ уште не е донесена конечна одлука во Европската унија од кога ќе се применува оваа Директива, и Република Македонија останува да ја применува и е усогласена со старата директива со летно и зимско сметање на времето, согласно Законот за сметање на времето.

Оваа одлука останува на сила сè додека ЕК не ја усвои новата Директива, која потоа ние би ја примениле, велат од Владата за „Република“.

Посочуваат дека Статусот на Предлог-одлуката за прекинување на сезонските промени на времето е во фаза на одобрување од страна на Советот на министри (чија што позиција сѐ уште не е конечна), по нејзиното потврдување од страна на Европскиот парламент во март 2019 година.

Во однос на националната определба околу сметањето на времето, претстои усогласување на нашето национално законодавство со ЕУ легислативата која се однесува на сметањето на времето и определување начин на транспонирање на горенаведената директива. Истото треба да биде поткрепено со детална анализа и информација во која ќе бидат опфатени сите фактори (социјални, економски ….) и која што треба да се усвои од страна на Владата. Бирото за метрологија ги следи случувањата во однос на процесот на усвојување на Директивата за прекинување на сезонските промени на времето и стои на располагање на надлежните институции во поглед на исполнување на горното. По донесување на новата директива од страна на Европска комисија ќе треба да се изготви – анализа и информација до Владата дали ќе се носат нови предлог- измени на Закон за сметање на времето каде ќе се транспонира директивата, велат од Влада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.