Јапонски астрономи ќе истражуваат примероци на почва земена од далечен астероид за да се обидат да го откријат изворот на топлина што го променил тоа небесно тело.
Научниците од Јапонската вселенска агенција се обидуваат да откријат како водата испарува на астероидот, со надеж дека ќе има траги што би укажале на потеклото на Сончевиот Систем и животот на Земјата. Тие веќе тестирале 5,4 грама почва, што е далеку повеќе од минималниот примерок од 0,1 грам на кој се надевале.
Вселенското летало „Хајабуса 2“ во декември се врати од Вселената со примерок од почвата од астероидот Рјугу, којшто се наоѓа на повеќе од 300 милиони километри од Земјата.
Сондата првпат стапна на вселенското тело во април 2019 година, а вторпат три месеци подоцна.
Можни траги од органска материја
Според научниците од јапонскиот Универзитет во Аизуа, топлината на астероидот надминува 300 степени Целзиусови.
Тие истакнуваат и дека температурата под површината на една планета не може да достигне толкава висина само од топлината на Сонцето, што укажува дека астероидот Рјугу, додека бил дел од поголемо матично тело пред милијарди години, бил под влијание на внатрешно топлинско зрачење или планетарни судири.
Јапонската вселенска агенција продолжува со првичните тестирања на примероци од астероидот, а следната година се планираат и пообемни испитувања.
Научниците исто така ќе трагаат по можни траги од органска материја, во надеж дека ќе најдат некои одговори за потеклото на Сончевиот Систем и животот на Земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.