Компанијата „Џенерал моторс“ (ГМ) ќе го продолжи прекинот на производството во три фабрики во Северна Америка најмалку до средината на март, поради глобалниот недостиг на чипови. Во меѓувреме, производството на возила во преостанатите два погона ќе биде само делумно

Како што соопштија од компанијата, фабриките каде што производството е прекинато се наоѓаат во Ферфакс во Канзас, во канадскиот град Ингерс кај Онтарио и во Сан Луис Петоси во Мексико.

По информацијата на компанијата акциите на ГМ паднаа за еден процент.

Недостигот на чипови ги погоди производителите на автомобили ширум светот, вклучувајќи ги Тојота, Фолксваген, Стелантис – заедничко вложување на Фиат и ПСА, како и Форд, Рено, Субару, Нисан, Хонда и Мазда.

Азиските производители на полупроводници прават се за да го зголемат производството, но велат дека недостигот во снабдувањето ќе продолжи уште многу месеци. Според германски медиуми, германскиот производител на чипови „Инфинеон“ верува дека недостигот уште повеќе ќе се влоши во наредниот период.

Проценето е дека тој проблем ќе влијае на падот на глобалното производство во првиот квартал за повеќе од 670.000 возила и ќе трае до третиот квартал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.