Кралицата Марија е сопруга на кралот Александар Караџорѓевиќ кој беше убиен во 1934 година во Марсеј. За Македонија Марија ја врзуваат убави спомени бидејќи нејзиниот сопруг тука купил винарија во околината на Демир Капија кога го носи името „Вила Марија“.

Приказна започнала во 1928 година, кога двајцата сопружници, кралот и кралицата Александар и Марија Караѓорѓевиќ, решиле да купат имот за винарска визба со добиениот мираз на невестата од татка си, романскиот крал Фердинанд. На три места во околината биле закопувани јагнешки глави за да се одреди вистинската локација, а токму таму каде што сега е винарската визба, едната од нив по три години стоење во земја најмалку се распаднала.

Најголем дел од објектите што потоа се изградени, денеска се реновирани. Дел од нив како индустриско културно наследство се ставени под заштита на државата, а раскошната „Вила Марија“, пред која стојат две керамички скулптури кои жителите ги нарекуваат „момички“, ставена е под заштита на УНЕСКО. Пред Втората светска војна, „момичките“ биле закопани во лозјата и така се спасиле од уништување.

Во дворот на винарската визба може да се видат изложени стари машини, буриња, а низ облагородениот простор, каде некогаш било развиено големо стопанство, шетаат и пауни. Забележано е дека кралицата дошла на посета дури два пати, а кралот ниту еднаш, иако го пиел виното што тука се правело во бочви, кои и денес се користат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.