Многу често семејното насилство останува зад затворена врата. Молчешкум се трпи. Најчесто жртвите не ги пријавуваат насилниците. За еден таков случај сведочи и Југослава Дуковска, која незадоволството од системот кон ваквите случаи го излеала во статус на Фејсбук.
ШТО БИ ПРАВЕЛЕ ВИЕ АКО ЗАБЕЛЕЖИТЕ НИЗ ПРОЗОРЕЦОТ НА СТАНОТ ОД СОСЕДНАТА ЗГРАДА ДЕКА МАЖ ЈА ДАВИ ЖЕНАТА ЗА ВРАТ, ДОДЕКА ТАА ОЧАЈНИЧКИ СЕ ОБИДУВА ДА ГО ОТВОРИ ПРОЗОРЕЦОТ И ДА ПОВИКА ПОМОШ? Токму тоа ми се случи мене попладнево. Најпрвин моето дете вознемирено ме повика бидејќи слушна дерење, карање и женски глас кој запомага, виде жена од соседниот стан како се наведнува преку прозор и вика: Помош, а потоа маж отпозади ја повлекува, го затвара прозорецот, се бори со неа и ја фаќа за врат и ја повлекува во внатрешноста на собата. Последниот зафат го здогледувам и јас и вознемирено повикувам полиција. Детето пред неколку месеци со другарка ѝ било сведок на сличен настан, од истиот стан, пријавило во полиција, реакција немало. Долу на улицата, во строг центар на градот, луѓе ѕиркаат накај прозорецот ама никој ништо не прави. Некои слушнале нешто ама не се сигурни што. Се пие пивце и се муабети во стилот: не се замарам. Мажот во последен момент излегува од зградата и брзо се разминува со полициската патрола, која доаѓа и прави записник со нас, сведоците. Им велам: ќе одите ли да видите дали женава е жива барем? Велат – не, оти не пријавила таа, не можеме да одиме! Ама ние видовме нешто што укажува дека таа била во животна опасност и ова не е првпат, бараше помош! -Тоа си е нивна работа, ми одговараат! Таа ако е глупа, нека седи со насилник, што не дојде да го пријави, ми вели младата полицајка. -Аман, бе луѓе, зарем ќе ја оставите вака работава, што ако сега или некој следен пат падне крв, прашувам, кој ќе биде крив? Или тогаш ќе коментирате, зошто не сте пријавиле?? И ставете се малку во нејзина кожа, што ако е сама на светот, не е финансиски самостојна или тој е толку насилен што се плаши да го пријави?? И како не е ваша работа, ова Е работа на државата оти никој друг не може да ја заштити. Слегнуваат со раменици. Комшиите кои „слушнале ама не дослушнале“ брифираат- „таа“ млада, од провинција, има мало бебе, тој доста постар од неа….На прозорецот конечно се појавува женска фигура. И мафтам да се симне. Полицајците стојат без никаква реакција. Таа вели-се симнувам. Се отвора влезната врата и ете сенка на ситна плава девојка од 20-тина години. Не исчекорува напред туку ме повикува да се доближам. -Повредена си? Излези да збориш со полицајците. -Не можам, вели тивко. -Зошто бре девојче? -Имам бебе. Вратата зачкрипнува и таа потскокнува исплашено. Од очите и се чита чист ужас. Полицајците приоѓаат и ја прашуваат дали ќе го пријави сопругот. Им одговара – не. Кусо запишуваат и искачаат од врата. Стојам фрапирана. Полицајката вели: Некојпат ги тужат за вознемирување тие што ќе пријават вакви случаи, да си знаете. Си заминуваат. Скопје, Центар, април, 2021, пишува на Фејсбук, Дуковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.