На отворено, со маски и ракавици. Вака се кажува судбоносното „ДА“ во време на пандемијата со Ковид-19. Со воведувањето на мерките за заштита, откажани се голем број склучувања на бракови во Битола, вели Владо Кајчиновски кој долги години работи како самостоен референт – матичар во матичното одделение во Битола. На самиот чин на потпишувањето смеат да присуствуваат само младоженците и двајца сведоци и задолжително да носат заштитна опрема, објави Сител.

Заради ситуацијата со коронавирусот, откажани се доста. Заради постите немавме многу, но се откажуваат. Исто така им откажуваат и кафаните, мај и јуни се откажани сите што беа во кафеаните надвор од службените простории. Некои имаат потреба за побрзо, па во вакви услови регистрираме. Задолжително носење маски и ракавици, само четворица, повеќе не може да присуствуваат. Ако е убаво времето надвор е подобро, ако не во салата, изјави Владо Кајчиновски, самостоен референт – матичар.

Голем дел од склучувањето бракови биле закажани за време на полицискиот час, па затоа младоженците беа приморани да откажат или пак да презакажат подоцна во текот на годината. Затоа, на оние кои се одлучуваат во овој период да стапат во брак, им се закажува термин во работно време, како што беше случајот денес, околу пладне, во дворот на општината.

Си презакажуваат за понатаму, јули, август, септември, да видиме колку ќе трае ова. За мај имаме многу закажани, но и многу се откажуваат, ќе видиме како ќе биде, изјави Кајчиновски.

Откако почна кризата, заедно со денешните два, склучени се 6 бракови. Кајчиновски вели дека сите младоженци, но и сведоците, досега ги почитувале мерките за носење маска и ракавици.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.