Со предавање на клучот на градот од страна на градоначалникот на карневалистите и кревање на знамињата на државата, ЕУ, ФЕЦЦ и карневалското знаме, официјално започнуваат годинашниве осумдневни карневалски празнувања. Предавањето на клучот ќе се одржи точно на пладне на плоштадот „Гоце Делчев“, на платото пред Домот на културата „Антон Панов“.

Утре ќе бидат објавени резулатите од конкурсот на тема карневал што го организира струмичката библиотека, потоа изложба на фотографии од ланскиот карневал и традиционалниот концерт под маски на учениците од Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица.

Со традиционалниот маскенбал в петок и изборот на принц и принцеза на струмичкиот карневал традиционално официјално почнува карневалската забава во градот под Царевите Кули. Принцот и принцезата со кралот на струмичкиот карневал ќе ја предводат големата карневалска поворка в сабота на Интернационалната карневалска вечер и ќе го означат почетокот на годинашното издание на еден од најпознатите карневали на Балканот и во Европа.

Во карневалската поворка ќе учествуваат околу 2.000 карневалисти од земјава и странство.

Ќе имаме 45 карневалски групи од земјава и странство. Имаме учесници од Германија со две групи, Турција, Бугарија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Србија. Од нашата држава имаме пријавено учесници од Струга, Кавадарци, Пробиштип, Куманово и Ратево (Беровско), како и групите од Струмица – рече Александар Цицимов, претседател на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.