При секоја посета Охрид го доживувам како чудо. Така го доживеав кога го видов прв пат. Така е секогаш кога пак ќе се најдам во неговите тесни сокаци. И секогаш досега се радував што е ист, непроменет, вечен, пишува Кица Колбе за порталот „Публицитет.мк“
Како драгоценост што не старее и не се менува. За да не‘ утеши пред стравот од минливоста. Шепотејќи ни‘ низ жуборот на езерските води, дека се‘ може да се промени, но не и тој – градот, бел бисер. Едно време, далеку од него, ги сликав спомените на неговите беловаросани ѕидови на платно. Бели ѕидови на цркви, сводови и окна, траги на поранешен духовен живот. Тие за мене беа шифрата за мојата македонска национална култура, која сакав да им ја приближам на моите германски сограѓани. Тие ниски зданија на цркви, кои во себе го кријат небото. Нив веднаш ги препознава само оној што го сака Охрид. За малечка земја која нема море, Охрид и чудесното езеро се повеќе од морски брег. Охрид е душата на Македонија. Тој е убавината на таа малечка земја, скриена во неа како бисерот во школката. Нема ништо друго со што имаме право да се гордееме, затоа што ни припаѓа токму нам, на Македонците. Охрид е нашата македонска Фиренца. Град-чудо, град-храм – на верата, на културата и на природата!
Охрид ни‘ е даруван од Бога како чудо, како бисер и симбол за вечноста. Си велев напати, во Охрид сум најблизу до Бога. Не само заради многуте чудесни стари цркви. Не само заради небеската боја на езерото. Не само заради неземското синило на небото. И тајниот блесок на звездите, додека игриво се отсликуваат во темните води на езерото. Туку и затоа што таму толку силно се чувствува присуството на минатото како култура и мисла, како градба и слика.Таму го допирате со рака духовното искуство на илјадниците монаси, иконописци, живописци и градители на цркви. Доволно е да застанам во дворот на Перивлепта, за да ја почувствувам вечноста. Таму, со восхитот за чудесната природна положба на градот, пред магијата на езерото, чувствував небаре светот да е штотуку создаден. Дека сум првиот човек кој со чист, детски поглед ја доживува рајската убавина на творението. Имало векови кога Охрид бил нарекуван „балкански Ерусалим”. Не случајно таму се наоѓаат најубавите цркви.
Охрид, всушност, е симболот на нашиот национален идентитет. Охрид сме ние. Ако не сме свесни за тоа, ќе го изгубиме најдрагоценото. Од тоа како се однесуваме кон Охрид, кон неговите цркви, фрески и икони, кон неговата архитектура, кон неговите стари сокаци, кон брегот, кон езерото, ќе зависи нашиот иден културен и национален идентитет. Никој не го загрозува тој идентитет повеќе од нас самите – Македонците. Никој однадвор не може да го избрише и уништи нашиот идентитет. Тоа може да го сториме само ние самите. Кога ќе заборавиме што е најдрагоценото нешто во културата и историјата како паметење, во кое се препознаваме како заедница. Културното паметење е огледалото во кое се огледуваме и препознаваме себеси – како единствени и неповторливи. Само затоа паметиме кои сме и кои се нашите предци. И ги чуваме нивните дела и вредности, како сведоштво за нас самите. Меѓутоа, се чини дека тоа не е така во македонската реалност. А затоа што е така, затоа што не сме свесни што, всушност, е македонскиот идентитет, затоа го уништуваме Охрид. Оти тој град е писмото и сликата на нашата историја. Тој е најубавото сведоштво за историјата на словенската писменост. Тој е нашето културно паметење. Тој е духовен и културен палимпсест, читлив во ѕидините на градбите. Нашата македонска посебност е овековечена во сликата на охридската куќа. Камо да имаше повеќе архитекти со восхит за неа, па сите куќи да беа инспирирани од охридските, тие, кои небаре лебдат над земјата! Со окна, во кои е фатена синевината на небото и белината на бисерот. Со долапи во ѕидовите и со најубавите килими на дрвеното душеме. Ние, пак, успеавме во најкус рок да го уништиме тоа што предците го одржаа со векови.
Несреќата на Охрид денес е што не се наоѓа на друго место, туку токму во Македонија. Иако тој неразделно, длабоко и суштествено е поврзан со македонскиот идентитет, најголемата загроза за неговата автентичност доаѓа денес токму од неспособните и неодговорни македонски граѓани. Особено од оние чија професионална должност е да ја сочуваат неговата автентичност. Тие се однесуваат небрежно кон Охрид затоа што не знаат што, всушност, значи заштита на културниот и духовниот идентитет на еден народ. Без заштита на културното паметење, без заштита на духовното културно наследство, нема вистинска свест за националната особеност на еден народ. А идентитет значи особеност, препознатливост, автентичност на еден народ. Народ што го познава и цени своето културно наследство, нема да дозволи да пропаѓаат фреските во најубавите цркви во Охрид. Народ, што го памети својот духовен лик, нема да го изобличува ликот на охридското крајбрежје. Тој брег, тие сокаци се нашата историја, нашето лично и културно македонско паметење. Погледајте го само филмот „Мирно лето” – култен филм на нашите родители – за да го видите брегот на Охрид онаков каков што имавме среќа да го доживуваме со децении.
Се‘ повеќе се уверувам дека не постои друг мал народ, со толку блескава културна историја, но со толкав потенцијал на вандализам кон самиот себеси, како денешните Македонци. Доволно е да отидете во центарот на Скопје да стане јасно за што зборувам. Скопје е неповратно уништено. Ќе оставиме ли да биде уништен и Охрид? Оти, Охрид не е само Охридското езеро. Охрид не е само град на брегот на едно од најстарите езера во светот. Охрид не е само најголемиот туристички центар во земјата, што, за жал, стана судбоносно за него. Охрид не им припаѓа само на Охриѓани, иако, знам, тие со тоа никогаш нема да се сложат. Охрид како духовен центар е значаен за сиот словенски христијански свет. Се вели дека Охрид во минатото имал толку цркви, колку што годината има денови. За секој ден една црква! Колку и да е несигурно ова предание, тоа, сепак, одговара на големата симболична вредност на Охрид за христијанската култура. Христијаните на Балканот копнееле да го видат Охрид, небаре оделе на аџилак во Ерусалим! Не само мноштвото, туку и неповторливата убавина на охридските цркви, на нивниот ненадминат живопис, говори за важноста на градот за христијанската култура на Балканот.
Во ефтината патриотска идеологија на изминатите дванаесет години, многумина Македонци постојано говореа за „библиска Македонија”, броејќи колкупати името Македонија било споменато во „Светото писмо”. Дури и да знаеја, ним ништо не ќе им значеше значењето на Охрид како христијански центар, затоа што ним им требаше култот на „библиска Македонија” како доказ за нивната припадност на античките Македонци. Затоа не ги интересираше и значењето на Охрид како духовен центар на словенските христијански култури. Во Охрид, имено, е расадникот на словенската христијанска култура. Додека пропаѓаа фреските во охридските цркви, македонските археолози во времето на Груевски грозничаво ја прекопуваа земјата, трагајќи по гробот на Александар. Тоа не е само апсурд на националистичката пропаганда. Тоа е трагедијата на еден народ што не си го познава сопственото драгоцено културно и духовно наследство. Ние, имено, денешните Македонци, не ќе бевме тоа што сме, без Св.Климент и Св.Наум. Нивното дело, ширењето на писменоста кај словенските народи на Балканот, како продолжение на мисијата на Светите Кирил и Методиј, е темелот на нашиот идентитет. Тој македонски идентитет е нашиот образ и темел. По тоа би требало да не препознава светот, а не по карикатурата на античка архитектура во која власта на Груевски го претвори Скопје.
Само уште Охрид остана како јадро на културното и духовно паметење на овој народ. Сушноста на националниот идентитет на македонскиот народ е јазикот на кој тој говори, на кој се напишани најзначајните сведоштва на неговата духовна култура. Охрид е длабоко поврзан со историјата на словенската, на македонската писменост. А што чиниме ние, Македонците, за да го сочуваме како сведоштво и за идните генерации, за целиот свет? Ние дозволуваме да го уништи лакомоста на градежничката хистерија. Да го уништи незнаењето и неукоста, културната необразованост на локалните политичари. Од летаргичноста, од неефикасноста на власта во однос на Охрид, се добива впечаток дека многумина би биле среќни кога Охрид не би имал вредност на светско културно наследство. Да не беше така, тогаш денес Охрид немаше да дојде во состојба да биде загрозен неговиот статус на светско културно наследство. Затоа сега мора да се мобилизира сета културна јавност во заштита на Охрид пред разорната сила на идолот на модерните Македонци – парите и збогатувањето по секоја цена. Охрид и неговата вредност, пак, се без цена. Оти неговата цена сме ние самите и нашиот духовен и културен идентитет. Охрид сме сите ние!


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.