Пандемијата на Ковид-19 станува сè посилна од ден на ден, па земјите воведуваат сè поригорозни превентивни мерки. Бројот на смртни случаи во светот е над 7.000 случаи и претставува директен удар врз глобалната економија.

Но, ако постои добра вест, таа е поврзана со тоа дека ширењето на коронавирусот предизвика намалување на загадувањето на воздухот, а може и спасување животи во процесот.

На 8 март Маршал Бурк, економист за животна средина на Универзитетот „Стенфорд“, направил пресметка за неодамнешниот пад на загадувањето на воздухот во делови од Кина.

Според Бурк, голема е веројатноста животите спасени на локално ниво да ги надминат смртните случаи од Ковид-19 во Кина.

Двомесечното намалување на загадувањето веројатно спасило животи на 4.000 деца под пет години и 73.000 возрасни над 70 години во Кина. Ова е значително повеќе од сегашниот глобален број на смртни случаи од самиот вирус.

Иако можеби е изненадувачки, ова е нешто што го знаевме подолго време. На почетокот од овој месец истражувањето посочуваше дека загадувањето на воздухот го намалува животниот век во просек од три години.

Со вториот најголем број случаи на Ковид-19 во Италија, и оваа земја воведе строги мерки на карантин. Сателитските податоци над Северна Италија сега покажаа голем пад на загадувањето на воздухот – конкретно азотниот диоксид што главно се испушта од автомобили, камиони и фабрики.

Користејќи го инструментот „Тропоми“ на сателитот „Коперникус Сентинел-5П“, сликите направени од 1 јануари до 11 март 2020 година покажаа дека азотниот диоксид драматично опаѓа.

– Падот на емисиите на азотниот диоксид над долината По во северна Италија е особено очигледен. Иако може да има мали варијации во податоците, убедени сме дека намалувањето на емисиите се совпаѓа со карантинот во Италија, поради намален сообраќај и помалку индустриски активности – објаснува Клаус Зенер, менаџер на „Коперникус Сентинел-5П“ мисијата на Европската вселенска агенција.

Засега немаме конкретни истражувања кои мерат какво влијание врз здравјето има намалувањето на емисиите, но со оглед на тоа што знаеме за опасностите од загадувањето на воздухот, веројатно е дека ќе имаме директна корист во форма на помалку смртни случаи предизвикани од загадувањето.

извор: Факултети



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.