Ознаката на пластичната амбалажа која „потврдува“ дека истата е биоразградлива, не значи дека таа нема никакво негативно влијание врз животната средина.

При купување намирници во маркет, кога не носат торба за пазарење, дури и луѓето со високо развиеба еко-свест без размислување земаат пластична кеса, бидејќи е означена како биоразградлива. Логиката е дека ако нешто е биоразградливо, тоа значи дека нема негативно влијание врз животната средина.

Сепак, за жал, тоа не секогаш е така. Недоволно специфичното одбележување на пластичните производи може да нè залаже да веруваме во нешто што не е целосно точно, а дополнителна конфузија предизвикува погрешното идентификување на биоразградлива и компостирана пластика, пишува „Клима101“.

Имено, се проценува дека од раните 1950-ти години на минатиот век се произведени повеќе од 8,3 милијарди тони пластика. Околу 60% од оваа пластика завршува во депониите или за жал, во природата. Исто така, стапката на производство на пластика расте побрзо од производството на кој било друг материјал, што доведува до фактот дека сега генерираме околу 300 милиони тони пластичен отпад секоја година.

Повеќе од 99% од пластиката на пазарот е направена од хемиски соединенија добиени од нафта, јаглен и природен гас, т.е. од необновливи извори. Се проценува дека доколку продолжи сегашниот тренд, до 2050 година индустријата за пластика може да биде одговорна за 20% од глобалната потрошувачка на нафта.

Само 9% произведениот пластичниот отпад се рециклира, 12% се согорува, додека останатите 79% завршуваат во природата или на депониите. Друга неверојатна бројка се 8 милиони тони пластика што завршуваат секоја година во океаните, претежно движејќи се дотаму по речните текови. Ако нешто не се смени и сегашните навики продолжат, во 2050 година може да има повеќе пластика во океаните отколку риби.

Сите својства на пластиката што ја прават издржлива и корисна во исто време скоро целосно спречуваат да се разгради. Најголемиот дел од пластиката никогаш не се распаѓа, туку се распаѓа на помали и помали делови, создавајќи микропластика. Микропластиката завршува во стомакот на рибите и домашните животни, а со тоа и во нашата чинија. Оваа пластика со микроскопски димензии веќе е пронајдена и во водата за пиење.

Како решение за овие проблеми, често се промовираат пластични производи кои се означени како биоразградливи, компостабилни и како биопластики. Сепак, судејќи според моменталната состојба, решението не е толку едноставно. Бидејќи често кесите што се обележани како биоразградливи, само побрзо се распаѓаат, создавајќи микропластика која во таа форма полесно може да го најде патот до човечкото тело.

По овие загрижувачки бројки и факти, јасно е дека проблемот со пластиката не е само прашање на загадување на животната средина, туку и негативно влијание врз јавното здравје. За да се случат позитивни промени, потребно е да се подигне свеста за овие проблеми и едукација за правење подобар и поеколошки избор.

Дали биоразградливата и компостабилната пластика ќе се разгради и колку брзо тоа ќе се случи, зависи од условите на кои е изложена. Под овие услови се мисли на температура, присуство на микроорганизми, хранливи материи, кислород и влагата. Различни видови на биоразградлива пластика се дизајнирани да се разградадат под точно дефинирани услови. Кога условите се различни, процесот на биоразградување може да се забави, да се изостави или едноставно да дојде до формирање на микропластика.

Биопластиката е делумно или целосно изработена од биолошка суровина, за разлика од конвенционалната пластика што е направена од фосилни материјали.

Пластиката која не е биоразградлива трае многу долго и може да се распадне на помали делови, формирајќи микропластика и акумулирајќи се во околината.

Оксо-биоразградливата пластика е пластика на која се додадени адитиви, кои за време на процесот на оксидација доведуваат до распаѓање во микропластика или хемиско распаѓање.

Еден вообичаен проблем е што терминот „биопластика“ се користи за производи кои се или кои навистина се направени од биолошки материјал или се биоразградливи. Имајќи предвид дека тоа сепак не се синоними, доаѓа до конфузија и погрешно толкување на поимот, и следствено на тоа, погрешна одлука за фрлањето на пластиката.

Проблемот во обележувањето на амбалажата е нешто што експертите го препознаваат и свртуваат вниманието на потребата за подетално, прецизно и појасно обележување на специфичен вид пластика, како и обезбедување јасни упатства за нејзино правилно отстранување.

Студија објавена во 2019 година, спроведена од Имоџин Напер, од Универзитетот во Пилмут, тестираше кеси обележани како биоразградливи, компостабилни и оксо-биоразградливи, како и конвенционални полиетиленски кеси.

Сите ќеси ги ставиле да стојат во период од три години во три различни средини, во морска вода, закопани под земја и на отворено.

Во експериментот, кесата која била обележана како компостабилна, се распаднала целосно во морска вода по три месеци. Во земјата останала недопрена две години, но се распаднала кога се обиделе да стават намирници во неа. Останатите кеси, па дури и онаа означена како биоразградлива, „преживеале“ и во морската вода и под земја.

По девет месеци на отворено, сите кеси се распаднале или почнале да се кинат, претежно распаѓајќи се во микропластика. Сончевата светлина помага во распаѓањето на пластиката преку процесот на фотокаталитичка оксидација, при што пластиката се суши и станува кршлива, распаѓајќи се во микропластика.

Како да го направите вистинскиот избор?

Јасно е дека проблемот со несоодветно обележување на различни видови пластика доведува до ненамерни грешки, бидејќи едноставно нема доволно информации за да се дадат јасни упатства за управување со отпад. Експертите велат дека ваквите грешки ќе се случуваат сè додека не се воведат јасни регулативи и закони за да се осигура дека секој вид отпад ќе заврши на вистинското место.

Дотогаш, најдобриот избор е, сепак, да се избегнува пластика за еднократна употреба и секако, да се рециклира. Како и да е, со зголемувањето на свеста за овој проблем, научниците од целиот свет работат на изнаоѓање нови материјали кои ќе ја заменат пластиката што ќе бидат направени од обновливи извори и кои навистина ќе бидат биоразградливи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.