Познатиот холивудски продуцент Харви Вајнстин и управата на неговото банкротирано филмско студио постигнале привремена спогодба во износ од 25 милиони долари со десетици жени кои го обвинија за сексуално злоставување, објави весникот „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на адвокатите вклучени во преговорите.
Спогодбата ќе ги приведе кон крајот речиси сите граѓански тужби од актерки и поранешни службенички кои го обвинија Вајнстин за кривични дела, од сексуално вознемирување до силување, наведува весникот.
Осигурувањето на поранешното филмско студио „Weinstein Co“ ќе го изврши плаќањето, а Вајнстајн нема да мора да ги признае делата, ниту нешто да плати. Неговите адвокати одбиле да го коментираат случајот.
Вајнстин за сексаулни злоставувања, кои датираат од пред неколку децении, го обвинија повеќе од 70 жени. Продуцентот со силни политички врски ги отфрли сите обвиненија и рече дека сите сексуални односи се случиле со согласност.
Оваа парница е одвоена од кривичните пријави со коишто Вајнстин се соочува во Њујорк, каде е обвинет за сексуално злоставување на две жени, едната во 2006, а другата во 2013 година. Судењето е закажано за 6-ти јануари 2020 година, а на Вајнстин му се заканува затвор доколку биде осуден по главните точки од обвинението.
Вајстин, за кого медиумите тврдат дека со години плаќал за вонсудски спогодби со неговите жртви, во прв ред со жени вработени во неговата компанија, при избувнувањето на скандалот во октомври 2017 година ги отфрли некои од обвинувањата, се извини за „нанесената болка“ на другите и замоли за „втора шанса“.
Меѓу многубројните признанија, Вајнстин е и добитник на Оскар за филмот „Вљубениот Шекспир“. Со братот Боб прво ја основале продуцентската куќа „Miramax“ којашто во 1993 година ја продадоа на компанијата „Walt Disney“ а во 2005 година ја основаа „Weinstein Company“, уште едно филмско и телевизиско студио.
The New York Times пред две години објави дека еден од најмоќните продуценти во Холивуд, 65-годишниот Харви Вајнстин со децении сексуално ги вознемирувал одредени актерки, а тоа доби и политичка конотација, откако неговите постапки за коишто сведочат холивудските ѕвезди како Ешли Џад, Анџелина Џоли, Гвинет Палтроу, Мира Сорвино, Розан Аркет, фрлија дамка врз Демократската партија чиј финансиер била компанијата на Вајстин.
Поради ваквите поразувачки сознанија, Демократската партија објави дека дел од тие пари ќе донира во организациите за поттикнување на политичкиот активизам меѓу жените. По овој повод тогаш се огласија и поранешната кандидатка на американските демократи за претседател на САД, Хилари Клинтон, како и нејзиниот сопартиец поранешниот претседател Барак Обама. Клинтон на Twitter објави дека е „шокирана и запрепастена“ и дека „однесувањето какво што го опишуваат жените кои проговориле не може да се толерира“. Обама и неговата сопруга Мишел, пак, истакнуваат дека се згрозени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.