Поранешниот премиер, Никола Груевски, преку социјалните мрежи изрази сочувство и жалење за смртта на претседателот на партијата Лига на Власите во Македонија, Мите Костов Папули.
Ковид-19 коси и секојдневно одзема многу животи.
Замина и Мите Костов Папули.Прерано замина уште една исклучително добра и позитивна личност, полна со енергија и ентузијазам за подобра иднина на Македонија. Успешната соработка со него како претседател на партијата Лига на Власите во Македонија почна пред околу 15 години и беше целосно коректна и со взаемна почит и разбирање.
Тој беше голем активист за правата и афирмацијата на Власите, влашкиот јазик и влашката заедница во Македонија и беше активен во повеќе проекти од тој корпус на активна промоција на влашкиот јазик и култура, иницијатор на формирање на влашката редакција во МРТ, иницијатор за изучување на влашкиот јазик во основните училишта и на филолошкиот факултет, учествуваше во формирањето на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и повеќе други активности иницијативи.
Како економист беше успешен на функцијата заменик директор на Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија каде подолг период во отсуство на директор практично беше прв човек на оваа институција. Секогаш беше задоволство да се водат разговори и да се соработува со него.
Покрај ненадоместливата загуба за неговото семејство со кое сочуствувам, власите во Македонија загубија голем активист и неуморен борец, а сите ние голем пријател и искрен соработник.
Ќе го носиме во најпозитивни сеќавања. Нека почива во мир – порача Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.