Келнерка од Македонија вербално била нападната од грчка банкарка во хотелот „Моиган сан“ во американската држава Конектикат поради своето потекло.
Ненси Папајоану, претседателка на Атлантик банк, со своите пријатели седнала во барот покрај хотелскиот базен и дошла келнерката на чија плочка на кошулата покрај името стоело и името на земјата од која доаѓа – Македонија. Гркинката укажала на „грешката“ на натписот, велејќи дека Македонија е грчки регион и се повикала на Преспански договор, според кој употребата на новото име Македонија е задолжително и дома и на меѓународно ниво.
Потоа, како што раскажува Папајоану за неделникот на грчката дијаспора „Нешенел хералд“, келнерката заминала и повеќе не се вратила, а дошла нејзина колешка и ѝ рекла на банкарката дека менаџерот наредил да не ја служат понатаму поради тоа што ѝ ги повредила чувствата на келнерката од Македонија и ја расплакала. Додека гостинката објаснувала дека не се однесувала и зборувала лошо со келнерката, покрај нејзината колешка имало уште еден работник на чија плочка исто така пишувало дека е од Македонија.
Малку подоцна се појавил човек од обезбедувањето заедно со уште тројца колеги и ги замолил да заминат, а и покрај обидите на Папајоану да објасни што се случило, тој ѝ рекол дека можат да останат во хотелот, но не и во барот покрај базенот.
Претседателката на Атлантик банк е ‘длабоко навредена’ од ‘нечовечкото однесување’ и од ‘дискриминацијата на нејзината матична држава’, пишува „Нешенел хералд“, според чии информации можно е да следува тужба против хотелот.
Генералниот менаџер на хотелот Реј Пино за весникот објаснува дека вработената преку меѓународна размена била видливо вознемирена и им било обврска да разјаснат што ја довело до таква состојба.
’Моиган сан’ ги охрабрува нашите вработени преку меѓународна размена гордо да ја истакнуваат земјата на потекло на своите плочки. Ова е обична грешка. Понатаму ќе преземеме чекори за потврдување на правилното име на местото на потекло и ја корегиравме плочката на вработената со Македонија, изјавил тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.