Меган и јас се упатуваме кон непознато, но навистина немавме друг избор, рече принцот Хари на првото појавување во јавноста, откако го објавија заминувањето од службените должности во британското кралско семејство.

Сакам да појаснам дека Меган и јас не одиме никаде – рече принцот во говорот вчера вечерта во Лондон на добротворна вечера организирана од Сентебале, организација за помош на деца заболени од СИДА во Јужна Африка, чиј основач е Хари.

Велика Британија е мојот дом и местото што го сакам и тоа нема да се промени – додаде тој.

Двојката на Твитер минатиот месец соопшти дека ќе се повлече од позицијата „високи членови на Кралското семејство“ и ќе се обидат да станат финансиски независни.

Можам да замислам што слушавте и читавте во изминатите недели. Затоа, сакам да ја слушнете вистината од мене, колку што можам да споделам со вас – не како принц или војвода, туку како Хари,  рече Хари.

Јас секогаш ќе имам најдлабока почит кон баба ми, мојот главен командант, истакна тој.

Се надевавме дека сè уште ќе можеме да им служиме на кралицата, Комонвелтот и моите воени здруженија, но без јавни пари. Тоа, за жал е невозможно. Се согласив со тоа, знаејќи дека тоа нема да влијае ниту врз мене како личност, ниту врз мојата лојалност – рече Хари.

Кога Меган и јас се венчавме, “бевме возбудени, надежни и подготвени да служиме. Затоа, јас сум многу тажен што вака заврши. Мојата одлука да се повлечеме со мојата сопруга не беше лесна, додаде тој.

На ова му претходеа повеќемесечни разговори и години предизвик и знам дека не секогаш правев сè како што треба, но во овој поглед, навистина немаше друг избор – заклучи принцот.

Текстот на говорот е објавен на Твитер профилот на парот, пренесува Би-Би-Си.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.