Финец кој минал 20 години зад решетки за две убиства, сега се обидува да го отплати својот долг кон општеството со таканаречена „Соба на бесот“. Во неа, неговите клиенти може да кршат предмети од домаќинството со бејзбол палка…

Јане Ранинен (44), инаку поранешен член на банда во сиромашно и проблематично маало, ја отвори „собата“ во Хелсинки пред два месеци, со пари што ги позајмил од пријател. И, вели, оттогаш нема слободен термин.

Бев в затвор до пред половина година, а ваква соба ќе ми се најдеше кога бев помлад. Решив дека кога ќе излезам, ќе ја отворам собата и ќе им дозволам на луѓето тука да го изразат својот гнев, наместо да ги прават глупостите што јас ги правев во младоста, рече Ранинен.

Тој, исто така, редовно разговара со младите, обидувајќи се да ги одврати од криминал и насилство.

– Тоа е еден начин да се врати долгот кон општеството, а просторот на бес е друг. Покрај плаќањето данок на доход на државата, и ова влијае на општата благосостојба, вели тој.

„Собата на бесот“ се покажа како особено голем хит кај жените. Јане вели дека 85 отсто од корисниците се жени на возраст од 25 до 45 години. И покрај угледот на Финска како бастион на родовата еднаквост, тој вели дека женската агресија сѐ уште е табу и има многу непотребни потиснувања во таа смисла.

На долг рок, секогаш е подобро да разговарате со терапевт. Но, на кус рок, нема подобро место за изразување фрустрации и вознемиреност, тврди Ранинен.

Пандемијата е убедливо најчестиот извор на лутина, но и лошите бракови се „при врвот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.