Граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“, во Спомен–куќата на Мајка Тереза ги додели годинашниве Посланија за хуманост и статуетки со ликот на Мајка Тереза.
Овогодишни добитници на признанијата се ГОБ „8 Септември“ – Скопје, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, Вакциналниот ковид – пункт на Поликлиниката „Букурешт”, Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас”; ПЗУ Ординација по семејна и општа медицина во Општина Гази Баба и Здружението за поддршка, интеграција и ресоцијализација на лица во социјален ризик „ЦСИ ЛИНК“.
Катерина Дамевска лекарка во ПЗУ Ординација по семејна и општа медицина во Општина Гази Баба по повод признанието нагласи дека во текот на својата десетгодишна кариера се соочила со бројни предизвици, но ниту таа, ниту нејзините колеги ширум светот не можеле да претпостават со каков непријател ќе треба да водат битка кога се појави корона вирусот.
Минативе две години беа најтешките во мојата кариера, но со голема гордост можам да кажам дека во нив го почувствував и најголемиот успех. 600 позитивни пациенти – 600 излекувани лица. Ниту еден одбиен повик, ниту еден вратен пациент. Безброј прегледи и совети. Го разбирав стравот кој го имаат и знаев дека моја должност е да го победиме сето тоа заедно.
По силната и неизвесна битка со корона вирусот, во светски рамки, се уште не можеме да го видиме светлото на крајот од тунелот, за да можеме да кажеме дека победивме, но тоа се наѕира во здравствените картони на моите пациенти.
Предизвикот беше голем, но нашите заеднички победи поголеми и повредни. Тие ќе ни бидат доказ дека ништо не е невозможно во посветената битка за здравјето – вели Дамевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.