Меган Маркл и принцот Хари открија дека го изгубија нивното второ дете во бременоста. 39-годишната поранешна актерка во трогателен текст сподели дека доживеа спонтан абортус во јули оваа година.

Беше едно утро во јули кое започна исто толку вообичаено како и секој друг ден. Направив појадок. Ги нахранив кучињата. Се напив витамини. Го најдов изгубениот чорап. Ја кренав мрсната боичка од под масата. Ја фатив косата во коњско опавче пред да го земам син ми од креветчето.

Откако ја променив неговата пелена, почувствував остар грч. Паднав на подот со него во рацете, пеејќи приспивна песна која ќе нè смири и двајцата, весела мелодија која беше тотално спротивна од моето претчувство дека нешто не е во ред.

Знаев дека додека го држев моето првородено дете, го губев второто.

Часови подоцна, лежев во болнички кревет, држејќи ја раката на мојот сопруг. Ја почувствував смиреноста на неговата дланка и ги бакнував зглобовите на неговите раце, влажни од солзите на двајцата. Зјапајќи во белите ѕидови, очите ми се вкочанија. Се обидов да замислам како ќе заздравиме.

Се присетив на еден момент од минатата година, кога со Хари ја завршувавме долгата турнеја во Јужна Африка. Бев истоштена. Го доев нашето бебе и се обидував да изгледам храбро пред јавноста.

„Дали сте добро?“ – ме праша еден новинар. Му одговрив искрено, не знаејќи дека тоа што ќе го речам ќе одекне до многу нови мајки, а и постари, до секој кој на некој начин тивко страдал. Мојот одговор изгледаше како да им даде дозвола на луѓето да ја кажат својата вистина. Но, не ми помогна најмногу одговорот, туку самото прашање.

„Ви благодарам што прашавте“, реков. „Не многу луѓе ме прашаа дали сум добро.“

Седејќи во болничкиот кревет, гледајќи како се крши срцето на мојот сопруг, додека се обидуваше да ги спои разбиените делови од моето, сфатив дека единствениот начин да почнеме да заздравуваме е прво да прашам, „Дали си добро?“, напиша Меган.

Меган и Хари се родители на едногодишниот Арчи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.