Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.

Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…

Големиот македонски празник Илинден кој во свеста на македонскиот народ најповеќе асоцира на славното Илинденско Востание и на Крушевската Република, сепак, во својата основа го има свети Илија, лик од христијанската религија кој има значајно место и во народните верувања.

Во чест на пророкот Илија Светата христијанска црква го востановила празникот што се празнува на 2 август според новиот, односно на 20 јули според стариот календар.

Бидејќи во народното верување Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз св. Илија се пренесени многу елементи на врховниот пагански бог на Словените, громовникот Перун.

Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“ И во Кумановско Свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката и сл.

Ефтим Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Е. Спространов забележал дека Св. Илија е празник на кожуварите.

И Кузман Шапкарев кој објавил богати записи на многу македонски обичаи и верувања забележал дека на 20 јули (стар стил) на споменот на пророк Илија празнуваат еснафите: кожуварите, самарџиите и ѓерамидџиите како што и на чевларите празникот им е на Св. Спиридон, а пак на корабџиите Св. Никола, како претседател и покровител на речните еснафи. Од нив двата први т.е. кожуварскиот и самарџискиот за време на празникот на Св. Илија до неодамна даваа општа гозба (угостување) на своите момоци, работници во еснафот на кој ден сите заедно, мајстори и калфи се гоштеваа на една или неколку софри на некое место за веселење, надвор од градот и се веселеа. Тие два еснафи принесуваа во црква восочни свеќи – ламбада и пет леба како што се принесува и на секоја служба. Последниот тоа не го прави. За него велат за да го умилостивел светецот та да не врне преку летото, за да можат ѓерамидџиите без пречки да работат погребувал живо магаре за жртва. Но, тоа во наше време не е вистина дека го правеле, вистина е само дека вечерта спроти празникот прават тркала од неисушени ѓерамиди како симбол на колата врз која пророкот се возел по воздух и од која грмело и пуштал дожд во кого веруваат како Бог Грмник. К. Шапкарев, исто така го забележал и верувањето дека ако на Илинден загрми таа година оревите ќе бидат шупливи.

Во Гевгелиско се сметало дека Св. Илија е сред лето. Исто така овој ден се сметал за тежок празник и тогаш никој не работел зашто тој бил „аталија – може да те млʼсне и тресне“. Народот верувал дека св. Илија секогаш држи во раката некој буздоган и со него ја брка ламјата, а кога го фрла буздоганот, тогаш треска, удира гром. Народот верувал и тоа дека и св. Илија како и св. Андон може да лекува некои болести поради што многумина ги земале од црквата иконите на св. Илија и ги држеле кај болниот. Исто така и му ветувале нешто за болниот да оздрави. Во Дојран се одржувала црковна служба и панаѓур коишто траеле два дена, а болните ноќта спиеле под иконата на св. Илија.

Свети Илија е присутен и во народните песни и во народните преданија. Во песната од Дебарско „Три светители и света Недала“ од зборникот на Иван Јастребов (но и во други зборници со песни од западна Македонија) се пее за големата борба меѓу тројцата светители „кој да земит кључи од рајови“ и за епилогот:

Свети Петар кључи од рајови,

Свети Илија – сиљни секавици,

Свети Јован – кумство, побратимство,

Неделица, празник да празнуват.

Веќе споменатите функции на свети Илија да располага со небесните височини, со облаците и дождовите се опеани и една песна од зборникот на Миладиновци :

На Свети Илија што му паднало?

Паднало му летни грмежи,

Он да имат, он да и повељат.

Христијани страхот да му имат.

Како што се пее во оваа песна кога легенските христијани започнале да не го слават Бога, ниту другите светци од годината, кога започнале и меѓусебно да не се почитуваат, свети Илија бил тој што од Бога побарал за нив казна.

И што беше стар Свети Илија,

помоли се на наш Христос,

та му даде кључеве од небеси,

си закључи м’гли и облаци,

три години дожд не заврна,

три години с’нце не угреа,

три години ветер не подунал,

не се роди ни вино ни жито.

Дури по три години кога сфатиле дека мораат да се покорат на Божјите закони и кога се покајале,

дури тогај дожд им заврнало,

што сејали све им се родило,

родило се и вино и жито.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.