Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 декември.
Денеска е Св. маченица Јулијана и шестотини и триесетте маченици со неа.

Оваа славна девица и маченичка беше родена во Никомидија од родители незнабожци. Слушна од некого проповед на Евангелието и со сето срце се обрати кон Христа, па почна да живее совршено според заповедите Господови. Свршеник ѝ беше некој сенатор Елевсиј.
За да го одврати од себе Јулијанија му рече дека нема да може да појде за него ако тој не стане епарх на градот. Му го предложи тоа мислејќи дека тој млад човек никогаш нема да може да го достигне таквиот висок чин. Но Елевсиј се потруди, па со ласкање и мито го придоби чинот никомидиски епарх.
Тогаш Јулијанија му откри дека е христијанка и дека не може со него да стапи во брак додека и тој не ја прими христијанската вера, велејќи му: „Што ни вреди да бидеме телесно соединети, кога духовно би биле разединети?“ На ова Елевсиј се огорчи и ја обвини кај татко ѝ . Јаросен татко ѝ ја исмеа и ја изнатепа, а потоа му ја предаде на мачење на епархот. Епархот нареди и многу ја тепаа, па потоа ранета и искрвавена ја фрлија во затвор. Но Господ во затворот ја исцели и таа се јави пред епархот сосема здрава. Овој потоа ја врза и ја фрли во вжарена печка, но огнот не ја докосна. Кога го видоа тоа чудо мнозина поверуваа во Господ Исус Христос.

Такви обратени имаше петстотини од машкиот и сто и триесет од женскиот пол. Сите нив епархот ги осуди на смрт и нив ги убија со меч. Нивните души се преселија во Рајот. Тогаш злобниот судија ја осуди на убиство со меч и Света Јулијана. Таа излезе на губилиштето радосна со духот. Му се помоли на Бога и ја положи главата за отсекување. На денот на тоа убиство душата на светителката отиде во Царството на вечната Христова светлина, во 304 година.
Набрзо Елевсиј го постигна Божја казна. Кога пловеше по морето му се разби коработ, а тој падна во водата. Но не најде смрт во водата туку доплива до некој остров, каде што го растргнаа и го изедоа кучиња.
Светата маченичка Јулијана се смета за заштитничка на жените и девојките, но и насите кои неправедно страдаат и се мачат. Народното верување вели дека на жените денеска ќе им се исполни желбата која ќе ја посакаат ако го спомнат името на Света Јулијана и ја изговорат оваа молитва:

„Тебе Жено те љубам и барајќи Те страдам, и се распнувам и се погребувам во крштението Твое, И страдам поради Тебе, за да царствувам со Тебе, и умирам за Тебе за да живеам со Тебе. Прими ме како чиста жртва, со љубов за жртвувањето за Тебе. Со нејзините молитви, како Милостив, спаси ги душите наши“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.