Православните христијани денеска празнуваат Задушница, а утре Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден).

Празникот Задушница се одбележува во чест на душите на починатите. На овој ден вообичаено се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за упокоените.

На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Духовден, пак, го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“.

На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.