Православните христијани што се водат според јулијанскиот календар денеска го празнуваат Свети Никола Чудотворец, светецот заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците…
Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, a го слават и православните и католиците, но и дел од муслиманите, особено во Турција. Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески, кои се посветени на овој светец. Многу македонски семејства со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот.
Свети Никола е еден од најсаканите христијански светци. Роден е во градот Патара во Ликија (на јужниот брег од Мала Азија), како единствено и измолено од Бога дете на верните, богати и угледни родители Теофан и Нина, кои решија да Му го посветат на Бога, принесувајќи Му така дар. Уште со самото негово раѓање, Светото предание му припишува чуда. Знаењето за духовниот живот св. Николај го стекнал преку својот чичко Николај, епископот патарски, кој го назначил прво за чтец, а потоа и за свештеник. По смртта на родителите Николај им го раздал наследениот имот на сиромасите и ништо не задржал за себе. Додека бил свештеник во Патара тој многу се прочул со делата на својата милостиња, иако ги криел грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).
Во тоа време имало еден богат човек во Патара, кој изгубил сѐ и не можел да го прехрани своето семејство. Бидејќи имал три ќерки стасани за мажење, а за нив немал приготвено мираз, му дошла погубна мисла – да почне да ги продава телата на неговите ќерки, за да спечали некоја пара и да може да се прехранат. Дознавајќи за неговата крајно погубна намера, свети Николај тајно го посетил и му фрлил кесичка со пари преку прозорецот, вардејќи да не го види случајно некој. Со тие пари, кој таткото ги нашол, ја омажил првата ќерка. Истото овој светител го стори и за другите две негови ќерки, на тој начин спасувајќи го сето семејство од духовна смрт.
Наскоро чичкото на овој светител решил да оди на свето поклонување во Ерусалим, препуштајќи му ја грижата за стадото на својот внук. Овој не само што се покажал достоен и вреден за довербата, туку сето тоа го правел со крајна послушност и љубов. Откако неговиот чичко се вратил од поклонението, свети Николај побарал благослов за тој да оди во Светата земја. На своето патување низ Светата земја тој направил безброј чуда: предвиделл дека морето ќе го зафати страшна бура, која потоа ја смирил со неговите молитви и вера и го спасил од смрт морнарот, кој бил смртно повреден преку своите молитви. Пристигнувајќи во Ерусалим, Му заблагодарил на Создателот токму на местото наречено Голгота. Ги посетил сите места во Светата земја, и посакал да се повлече во пустината и да се замонаши на Синај. Но Божествен глас му се јавил, велејќи му да се врати во родната земја.
Кога се вратил во Ликија, се замонашил во манастирот Новиот Сион, основан од неговиот чичко, длабоко посакувајќи го мирот и тишината.
Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, неустрашлив. Св. Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, но тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.
Присуствуваше на Првиот вселенски собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сѐ додека на неколкумина од првите архијереи на Соборот не им се јавија самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај.
Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост малку се разболел и се упокоил во Господа, за вечно да се весели во Небесното царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.
Неговите мироточиви мошти биле поставени во локалниот храм, и многу луѓе имаат најдено спас преку нив. Но во 1087 година, откако градот бил разорен и уништен, тие биле чудотворно пренесени во Бари, Италија, каде што се наоѓаат и ден-денес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.