На денешен ден 14 март (први март по стариот календар), Светата православна црква го празнува споменот на Светата преподобна маченица Евдокија – родена во феникискиот град Илиополе. Преданието сведочи дека како девојка била многу убава и дека со неморал спечалила огромно богатство. Во тоа време по вера била Самарјанка. Подоцна го примила Христијанството, го напуштила расипничкиот живот, имотот го поделила на сиромашните христијани и се закалуѓерила. Во манастир минала 56 години. По наредба на тогашниот управник на Илиополе била исечена со меч во 152 година.

Со празникот посветен на нејзиниот спомен започува месецот март, а според некои и новата година.

Први март уште се вика и Летник, зошто според верувањата тогаш започнува летото. На овој ден низ цела Македонија се изведуваат богати обичаи кои врз магиски принцип треба да обезбедат заштита од разни штетници, од змии, болви, од шумски ѕверови, но и здравје на луѓето во претстојната работна сезона.

Летник е македонски народен празник, којшто се празнува секоја година на 14 март и е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта во Македонија. Овој празник всушност во народните верувања е празник за почеток на пролета односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисол на активниот работен период од годината. Празникот најчесто се празнува во Западна Македонија, односно во Галичник и Мијачијата, Голо Брдо, Пустец, Дебарско, Преспа, Охридско и Струшко.

Според сведоштвата на луѓето празникот Летник започнувал да се празнува уште во раните утрински часови, заеднички и од македонците христијани и муслимани. Веднаш рано изутрината штом ќе се станело од спиење, луѓето гледале и барале да здогледаат некое пиле (птица) за според верувањето да бидат лесни како птица преку целата година. Потоа погледнувале во своите џебови да имаат златна или сребрена пара за преку годината секогаш да имаат пари и успех (бериќет). Се излегувало во шумите и планините и од таму во домовите се носеле тукушто расцутени дренови гранки и кај куќното огниште и луѓето наизменично се фаќале за дреновата гранка и за синџир за преку годината да бидат здрави како дрен и цврсти и силни како железо, а потоа за здравје се каснувале пуполците од дренот. Младите деца береле суви гранки и оделе од куќа до куќа фрлајќи ги во куќните огништа велејќи: Колку шумулчиња (пламенчиња), толку дечиња (слично како за Бадник пред Божик). На Летник задолжително доколку се одело во посета на некоја куќа се носело гранка од дрен, а домаќините го гоштевале гостинот со ореви, варена пченка и благо. Тој што ќе се погодел прв во денот да им влезе на домаќините во куќа, годината им минува со радост и успех (бериќет) од него, па затоа домаќините идната година на Летник го бараат повторно да им влезе в куќа (не мора да е прв, може и само како гостин), зашто за него се верувало дека е со среќна рака.

Меѓу позначајните обичаи на овој празник е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец околу вратот или на рацете и нозете. Најчесто ги носат децата, но во некои краеви ги носеле сите членови во семејството како магиска заштита од несреќи.

Во Дебрца – охридско, мартинките се правеле од бела и црна волна но само од волна што била оскубана од овците. Кога мартинките ќе биле готови им ги шиеле некому околу појасот, на други на ногата или околу раката. Притоа се велело “Гад в гора (името) в поле“. Со тоа змиите, смоковите и другите гадинки се праќале во гората далеку од луѓето. Ги викале гадови, не им ги спомнувале имињата, зошто според верувањето ако им го кажеле вистинското име тие веднаш ќе дојделе. На помалите деца мартинка со паричка им врзувале околу вратот. Мартинките ги носеле се додека не виделе ластовица или штрк, тогаш ги фрлале велејќи: “На ти ластојце мартинка да ми дајш кошула“.

Е. Спространов забележал дека во Охрид мартинки правеле од бела и алена волна, а ги врзувале на рацете или ги шиеле на облеката и ги носеле цело лето за да не ги касаат змиите. Тоа повеќе го правеле селаните кои во текот на летото често биле низ полето. Оние, пак, што често се сопнувале при одењето, мартинките ги врзувале на прстите од нозете. Мартинките се сучеле мижејќи „за да бидат како слепи змијте и да не и вижџет љуѓето, ко ќе минет покрај ними.

Во Струга за да не ги јадат болви луѓето ги менувале местата каде што спиеле. Во селата како и во градот Охрид , како што сведочи К. Шапкарев, “грмеле“ од пушка за отстранување на болвите, а според записот на Е. Спространов тој обичај бил забранет од властите.

Во Дебрца за заштита од ваквите штетници, спроти празникот од шумата носеле дабова гранка (шумка) со којашто ноќта спиеле држејќи ја под пазувата. Утрото одејќи на вода, на чешма, или на кледенец ја фрлале во водата велејќи: „Шумка шумна, гад побегна“. Овие штетници народот ги викал гадови зашто не смеел да ги именува со нивните вистински имиња. Од тие причини и болвите биле наречувани црнки. На враќање носеле вода со која штркале низ куќата, растурале песок, а ако имало и снег за да им биде студено на црнките (болвите) и да бегаат од куќата.

Во Охрид за да им се сошиени устите на змиите секој си го пришивал со црн конец долниот крај од својата облека. Во врска со змиите и овој празник поврзани се и некои народни лекувања. Така на пр. Е. Спространов запишал дека: Змиите излегвет на Летник и је многу арно да фатиш тога некоја и да провриш низ очите нејзини конец какоф да е. Тој конец је ногу арно да го врзиш за гушата на љуге што падинет. ‒ За таа цел оделе во с. Свињишта или во Белчишта (раскажувачката не можела точно да ми каже) каде што имало дувло од змии и кога излегувале за прв пат ги ловеле на дупката. Низ очите им пронижувале конец со игла и после ги пуштале.

Со Летник е поврзано и верувањето за разбивањето на луѓето од страна на птиците. Во Охрид, на Летник но и потоа, во текот на пролетта, луѓето се плашеле да не ги разбие пупунец. Разбивање го викале ако го слушнат гладни (на гладно срце) пеењето (пупањето) на ова птица. Тогаш верувале дека ќе се разболат или ќе ги следат други несреќи во текот на годината. Верувале дека ќе им смрди устата ако ги разбие пупунецот. Затоа на овој ден и подоцна веднаш по станувањето од постела каснувале барем еден залак леб. Но кога ќе ја чуеле птицата верувале дека тие ја разбиле и потоа не се чувале. Исто така, се плашеле и од кукајцата. „И кукајца да те разбијат не е арно ‒ ја ќе умрит некој, ја на зијан је ‒ секој ден ќе чиниш зијан по една аспра“.

Интересен обичај што се изведува на овој ден е носењето гранки или луштенки во куќата и ставањето во оганот. Така на пр. во Охрид секој што тој ден ќе влезел во куќата бил должен да набере и да донесе по неколку дрвца, гранки и сл. и веднаш по влегувањето да ги стави во огнот, за да се зафаќале пилиња. Инаку не бил приман во куќата. Во друг запис, исто така од Охрид, се вели дека рано утрото на овој ден сите домашни излегувале во дворот и се враќале со „пилишта“ односно со гранки, трески, љуштенки и сл. и ги ставале во огнот, за како што тој се силел да се силеле и пилињата, да се ваделе сите јајца под квачката. Затоа викале: „Пуљу, пуљу, пуљу“. Овој обичај се изведувал и во Дебрца.

Во Дебрца сè што се зело на заем се враќало на Летник зашто се верувало дека ако останел долг на овој ден ќе се должело цела година, потоа мажите излегувале порано да видат некој силен маж за да бидат здрави преку годината.

Во Охрид, во првите денови на март ,секој што ќе чуел крекање на жаба три пати велел: „Бела става во куќа, црна става во полето“. Со тоа се бркале болвите, а по селата секој што ќе чуел крекање на жаба три пати се истркалувал по земјата за да не го боли половината во текот на годината. И кога испраќале свои луѓе на туѓина береле во планините кукурек и им го ставале од капата. Носејќи го тоа растение, луѓето велеле: „Кукурек ти на капа, сонот ти во очите, тебе дења, мене ноќа“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.