Католичките верници и дел од православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, во пресрет на раѓањето на Исус Христос – Божиќ.

Во државава централната прослава по повод празникот ќе се одржи во 18 часот во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата божиќна литургија ќе ја предводи бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.

Од Скопската бискупија информираа дека на литургијата во црквата ќе биде дозволено присуство на помал број верници во однос на изминатите години согласно протоколите за заштита од Ковид-19. Исто така, пред црквата ќе биде поставено озвучување, а ќе има и видео бим.

Божиќ утре го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква кои го прифатија Грегоријанскиот календар.

Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божиќ ќе го одбележат на 7 јануари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.