Се сеќаваме на мартинките како еден мал украс кој нашите родители, тетки или баби го закачувале или, пак, врзувале на нас и сме го носеле од 1 март, па сè до крајот на месецот, а по некои други верувања таа се става и на 14 март. Мартинката претставува украс направен од коноп во црвена и во бела боја. Тие се симболот на Баба Марта, нам позната како предвесник на пролетта.
Покрај Македонија, оваа традиција, исто така, се почитува и во соседна Бугарија (мартеница) и во Романија (мартисор). Мартинката, односно црвената и белата боја, ја симболизира желбата за добро здравје и воедно ја предвестува пролетта. Во едно верување црвената боја ја симболизира крвта, а белата боја чистотата, во друга, животот и неговото заминување од овој свет, потоа доброто и злото, како и среќата и тагата во животот на еден човек.
Еден од обичаите вели дека мартинката се добива како подарок и дека таа никогаш не се купува за себе, туку се дава на своите најблиски и на пријателите. Може да се носи закачена за гардеробата или, пак, врзана околу раката или вратот. Има повеќе верувања за нејзиното отстранување, едната е дека кога ќе расцвета првото дрво треба да се одврзе и да се закачи на него, кај нас велат дека кога ќе се здогледа првата ластовица се вади и веднаш се става под првиот бел камен, додека во Бугарија ја вадат кога ќе го здолгедаат првиот штрк и ја закачуваат на дрво замислувајќи си желба.
Има навистина многу варијанти на оваа традиција и симболот на мартинката. Она што ја двои Бугарија од нас е тоа што секоја година овој период кај нив на големо се продаваат, купуваат и подаруваат мартинки, а кај нас некако избледува. Да се потрудиме да си ја зачуваме оваа традиција, на која децата се радуваатнајмногу. Симбол на нов живот, концепција, плодност и, пред сè, нова пролет. Бои што ги симболизираат чистотата и животот и хармонијата во животите на најблиските.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.