Четиригодишната Умејра заѕвони на ѕвончето на Детската клиника. Овој звук ја симболизира добиената битка со ракот. Во знак на благодарност, таа го почести со слатки медицинскиот персонал кои цели девет месеци безрезервно се грижеа за неа.
Пред Клиниката нестрпливо чекаа да ја прегрнат татко ѝ, браќата и останати роднини. Но, најмногу ѝ недостигаше на сестра ѝ близначка, Унејса.
– Ја чекам мама и Умејра.
– Што ти е Умејра?
– Душа.
По триесетина минути излезе Умејра. Аплауз, солзи и прегратки….
Најмногу се израдува нејзината сестра близначка.
Сите се фотографираа со неа…
– Колку години имаш?
Умерја Исени: Четири.
– Каде ќе одиш?
У.И.: Дома.
– Дали си среќна?
У.И.: Да.
– Што сакаш да правиш?
У.И.: Да си играм со играчки.
Симболично пуштија балони во воздух за да се збогуваат од болеста…
Нејзината мајка, Несрин, вели дека битката против болеста била тешка, но со помош на роднините и медицинскиот персонал никогаш не се предале.
Сите родители чии деца боледуваат од оваа болест треба да имаат храброст и многу трпение. На два месеца пред да наполни четири години, на Умејра ѝ беше дијагностицирана акутна леукемија. Тоа се случи на 17 јануари годинава. Моментот кога лекарите ни ја соопштија веста за мене беше многу тежок, за мене како мајка и за целото семејство. Фала му на Господ досега сѐ помина добро – вели Несрин Исени.
Таа им порачува на сите родители кои се борат со оваа болест да имаат трпение.
Умејра уште одреден период ќе продолжи да прима терапија и да ги прави потребните прегледи.
Насмеана и среќна си замина од болницата. Едвај чекаше да влезе во својот дом со семејството за да си игра со сестрата и браќата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.