Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите да бидат внимателни при возењето на високи температури. Оттаму велат дека обврска на возачите е да бидат максимално подготвени, одморени и концентрирани за патување, да се прилагодат на условите на патот и да ја провераат техничката исправност на возилото.
Високите летни температури влијаат на способноста на возачот, влијаат на техничката исправност на возилото, а секако влијаат и на условите на патот, потенцираат од РСБСП.
Од јавното претпријатије појаснуваат дека на жешко време возењето и патувањето стануваат се потешки и бараат многу повеќе внимание, концентрација и фокусираност. Високите температури негативно влијаат на способноста за управување на моторно возило и придонесуваат за појава на замор, дефокусираност и пад на концентрацијата кај возачите, велат од РСБСП.
Согласно тоа, РСБСП советува да се избегнува патување во период од денот кога температурите се највисоки односно патувајте во раните утрински или во раните вечерни ( доцни попладневни) часови.
Внимавајте на температурата во возилот односно внимавајте на температурните разлики и правете постепена адаптација и аклиматизација при влегување или излегување од возилото. Планирајте го вашето патување на време и патувајте наспиени и одморени. Избегнувајте да патувате во часовите предвидени за спиење. Ниту еден кофеински или енергетски производ не може да го замени добриот сон пред тргнување на пат, советуваат од РСБСП.
Она што исто така е битно, возачите да консумираат повеќе течности (особено вода) и да прават минимум 15 минути пауза на секои два до три часа активно возење.
Високите температури влијаат и на условите на патот. Намалете ја брзината и држете безбедно растојание затоа што во услови на високи дневни температури поради намаленото триење на пневматиците и коловозната површина, сопирачкиот пат на возилото е подолг, велат од РСБСП.
Високите температури исто така влијаат и на техничката исправност на возилото, а безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото.
Технички неисправните возила се извор на опасности во сообраќајот. Затоа, пред да тргнете на пат задолжително проверете ги: гумите- притисокот на воздухот и длабочината на шарата, маслото на моторот, системот за управување, системот за сопирање, светлата, течноста за ладење на моторо и друго, советуваат од РСБСП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.