Во ноќта помеѓу 7-ми и 8-ми јануари, иранската Револуционерна гарда изведе два ракетни напади на ирачки воени бази каде што е стационирана американската армија, во знак на одмазда за нападот на генералот Касим Сулејмани.
На мета на иранските проектили се најдоа базите Аин Асад и Ибрил кои претрпеле помали оштетувања.
Прва на удар се најде базата Аин Ал Асад која беше нападната во 1:20 часот утрината по локално време, односно во истото време кога американците во напад со дрон го убија иранскиот генерал Касим Сулејмани.
Првичниот назив на базата бил Ал Касидија, а токму под тоа име била градена во периодот од 1981-ва до 1987-ма година. Интересно е тоа оваа база ја граделе компании од поранешна Југославија, меѓу кои има и една македонска компанија – станува збор за градежниот гигант „Гранит“ од Скопје.
Проектот бил познат како „Проект 202-Б“ и „Проект 1100“ и вредел, во тоа време вртоглави 280 милиони долари. Покрај „Гранит“, во изградбата учествувале и „Враница Сараево“ и „Унионинвест Сараево“ од денешна Босна и Херцеговина, како и хрватската компанија „И.Л. Лавчевич Сплит“, пренесува српски „Курир“.
Базата била изградена за да можат во неа да бидат сместени до 5,500 војници, а во рамките на целиот комплекс се наоѓа и друга воена и јавна инфраструктура. Што се однесува до воените, базата поседува воен аеродром, засолниште за бомбардери и воени касарни.
Покрај тоа, југословенските компании изградиле и џамија, отворен и затворен базен, спортска сала, кино, библиотека, основно и средно училиште, како и болница.
Најпопуларни биле бункерите-засолништа за бомбардери кои популарно биле наречени „Југоси“. Овие бункери биле непробојни, се до 1991-ва година и развивањето на ласерски наведуваниот проектил GBU-28 кој е специјализиран за разбивање на токму такви бункери.
До почетокот на американската инвазија на Ирак во 2003-та година, во базата биле сместени три единици на ирачкото воено воздухопловство кои во својата флота ги имале советските авиони „МиГ-25“ и „МиГ-21“. Набрзо после инвазијата на Американците базата била напуштена, а во мај 2003-та година предадена на американската војска.
Денес базата е наречена Аин Ал Асад (на арапски „Лав“) и оваа база е можеби и најголемото утврдување на Американците во Ирак и регионот. Поради тоа што е голема, добро обезбедена и се наоѓа на стратешки важна локација, досега ја имаат посетено Џорџ Буш, Кондолиза Рајс, Доналд Трамп и Мајк Помпео.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.