Меѓу бебињата кои се родија на првиот ден од новата година е и приновата во домот на австрискиот вицеканцелар Хајнц – Кристијан Штрахе.

Новогодишното бебе се вика Хендрик и е прво заедничко дете на Штрахе и сопругата Филипе, со која е во брак од 2016 година. Инаку на Штрахе, лидер на десничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО), ова му е трето дете, бидејќи од првиот брак има син и ќерка.

Штрахе изјави уште претходно, дека поради раѓањето на синот ќе земе месец дена отсуство. Исто така најави дека платата која ќе ја прими во текот на отсуството од работа, ќе ја донира во хуманитарни цели.

Конечно си тука. Со својот прв крик го вдиша воздухот на животот и со тоа веќе ги освои нашите срца. Ти си чудо – подарок и исполнување – напиша Штрахе на својот Фејсбук профил.

Меѓу првите му честиташе коалициониот партнер, канцеларот Себастијан Курц.

Тој на објавата на Штрахе на Фејсбук напиша: Посебно влегување во новата година – срдечни честитки за раѓањето на синот Хендрик. Ви посакувам се најдобро, здравје и многу среќа!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.