За Месечината долго време се сметаше дека е суво место. Ова верување особено се засили по мисиите Аполо, на почетокот од ‘70-тите години од минатиот век. Но, лека- полека, овој поглед почна да се менува.

Набљудувањата на нашиот најголем природен сателит, направени последниве дваесетина години, одеа во прилог на тоа дека во поларните области има вода во вид на мраз. Сега, за првпат се презентирани недвосмислени докази дека молекули од вода се присутни на многу пониските географски широчини на Месечината, а водата ја има во пообилни количини отколку што тоа се сметаше. Наодите објавени во одделни студии во списанието „Nature Astronomy“, недвосмислено укажуваат на тоа дека водата (како Х2O), ја има насекаде во почвата на Месечината, а не само на ладните, осојни места. Откритието може да има директни импликации за идните мисии на Месечината.

Резултатите на Стратосферската опсерваторија за инфрацрвена астронимија (СОФИА) на НАСА, се надоврзуваат на претходните истражувања за присуството на вода на Месечината. Во изминативе дваесетина години неколку вселенски летала, вклучувајќи ги мисијата Касини и мисијата Дип импакт, како и мисијата на Индиската вселенска агенција Чандрајајан-1, веќе пронајдоа докази за хидратација во сончевите региони. Сепак, тие мисии не беа во можност да дадат дефинитивен одговор за формата во којашто таа е присутна како Х2O или OХ.

Молекулите од вода беа детектирани на јужната хемисфера на Месечината, во кратерот Клавиус, којшто е еден од најголемите кратери видливи од Земјата. Податоците добиени од стратосферната опсерваторија СОФИА укажуваат на концентрации вода од 100 до 412 дела на милион, што е еквивалент на шише вода од приближно 350 грама, „заробени“’ во еден кубен метар почва, насекаде по површината на Месечината. Колку за споредба, во пустината Сахара има 100 пати поголема количина на вода отколку онаа што беше откриеба во лунарната почва. Но, и покрај малите количини, откритието покренува нови прашања во врска со начинот на којшто се создава водата и како таа опстојува во суровата, безвоздушна лунарна почва.

Фактот што водениот мраз на Месечината е распространет насекаде по нејзината површина, ја поддржува идејата дека водата се формирала при удар од микро-метеорити во површината, претворајќи го хидроксилот во молекуларна вода.

Овој потенцијален резервоар со вода ги возбудува астрономите и вселенските научници за идните мисии на Месечината, бидејќи може да влијае на нашата стратегија за истражување на Месечината.

Водата е скапоцен ресурс во вселената и е клучна состојка за животот каков што го знаеме. Дали пронајдената вода е лесно достапна за употреба како ресурс, останува да се утврди. Можната употреба во секој случај ќе го олесни планот за воспоставување постојано и одржливо човечко присуство на Месечината, во рамките на програмата Артемис на НАСА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.