Вакцинација, антитела, акција, протокол и иновации се зборовите кои најмногу се употребувале во текот на годинава што изминува, од страна на традиционалните – радио, телевизија, весници и списанија, преку Интернет портали, сè до социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм и печатените и електронските реклами.

Тоа го покажала анализата на Балканскиот институт за култура и хуманистички науки од Скопје кој оваа година го започна проектот „Збор на годината“. Ова е прва ваква анализа која се однесува на македонскиот јазик, со оглед на тоа што досега не постоеше можност за нејзино реализирање и реални услови за вакво истражување.

Според неа, топ-листа на петте најупотребувани зборови во македонскиот јазик за 2021 година,  изгледа вака:
1. Вакцинација
Овој збор се најде на првото место според употребата во текстовите, во информативните и во дебатните емисии, како и во Интернет-комуникацијата, заедно со зборовите вакцина и вакцинален.
2. Антитела
Овој збор логично високо котира, со оглед на тоа што самата вакцинација е поврзана со создавањето антитела. Го среќаваме во извештаите во дебатни и едукативни програми, како и во Интернет-комуникацијата, особено на социјалните мрежи, како и во рекламните изданија на Интернет-просторот на македонски јазик.
3. Акција
Интернет-, телевизиските, радио- и печатените реклами го донесоа овој збор на третото место по зачестеност. Интересно е што тој најчесто се користи во значење на „попуст“. Најчесто се употребува во рекламните изданија, како печатени, така и електронски (телевизија, радио, Интернет). Со проширувањето на Интернет-продажбата, овој збор стана речиси задолжителен на  социјалните мрежи.
4. Протокол

Зборот најчесто го среќаваме во медиумите, додека многу поретко при комуникацијата на социјалните мрежи. Соодносот медиуми – социјални мрежи изнесува 14:1, па тоа е, најверојатно, и причината што лексиката поврзана со пандемијата со КОВИД-19 не ја направи „златната тројка“ на списокот најчесто употребувана лексика.
5. Иновации
Анализата покажува дека овој збор се користи со истата зачестеност како и зборовите од секојдневната лексика (вода, пари и сл.). Тоа се должи на енормно брзиот развој на високите технологии, но и на пандемијата, која наметна потреба од иновации, со цел одржување економски баланс во услови на безмилосна конкуренција.

Поектот го водеше д-р Емил Ниами, лингвист, со група помлади истражувачи во текот на пет недели, од 1 ноември до 5 декември.Тој вели дека заедно поминале многу часови во читање и во слушање, а потоа и во анализа на материјалот. Општоприфатената методологија ја приспособиле на македонскиот јазик и неговиот лексичко-граматичка структура, па се сигурни дека добиените резултати се релевантни.

„Лично на почетокот бев скептичен дека ќе дојдеме до конечен резултат заснован на научно заснована анализа, сепак стручноста на истражувачите доведе до посакуваната цел – го имаме зборот на годината“, вели Дарко Несторов извршен директор на Балканскиот институт за култура и хуманистички науки..



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.