Онлајн судско рочиште одржано во округот Пресидио во Тексас по пат на „Зум“, стана вистински хит на интернет откако еден од адвокатите, Род Понтон, не успеал да го исклучи филтерот што го прикажувал како мачка.
Адвокат го користел компјутерот на својата секретарка и кога се придружил на судското рочиште преку програмата „Зум“, му се вклучил филтер за кој не знаел како да го исклучи.
Видеото од сослушувањето кое трае помалку од минута е урнебесна комедија од секунда во секунда.
„Господине Понтон, мислам дека вашиот филтер е вклучен“, вели судијата Рој Фергусон на почетокот.
„Хмм, да. Ме слушате ли?“, одговара Понтон, а истовремено лицето на малата мачка во долниот десен агол навистина изгледа како да се срами.
Другиот адвокат, Гибс Бауер, ги става очилата и се наведнува кон екранот да проучи што се случува.
„Не знам како да го тргнам. Секретарката е тука и се обидува“, продолжил Понтон, предлагајќи сослушањето да продолжи.
„Подготвен сум да продолжам. Тука сум во живо, не сум мачка“, а на тоа судијата одговара со: „Сфаќам“.
Адвокатот не ни знаел дека станал хит на интернет, откако по еден час од сослушувањето почнале да го контактираат новинари. Снимката е објавена на Јутјуб каналот на судот, а и самиот судија ја објавил и на Твитер.
Ако успеав да ги насмеам луѓето во овие тешки времиња, мило ми е, барем на моја сметка – изјавил Понтон за „New York Times“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.