Цела Југославија го славеше 25 мај како негов роденден, но Јосип Броз всушност е роден на 7 мај 1892 година во Кумровец.

Датумот е избран бидејки Тито сметал дека тоа е неговиот втор роденден, бидејќи на 25 мај 1944 Германците извршиле десант на Дрвар каде се наогал штабот на НОБ. Со брза реакција и со помош на британската војна мисија, Тито успеал да се извлече и оттогаш тој ден е прифатен како негов вистински роденден.

Традицијата со штафетата почнала  веднаш по војната. Иницијатива  потекнала од младите на Крагуевац и била врачена во Загреб. Во годините потоа штафетата прво патуваше низ целата земја за на крај да стигне до Белиот Двор во Белград.

Во 1957-ма година,  25 мај и официјално бил прогласен за Ден на младоста. Палката што беше креација на скулпторот Владета Петриќ и графичарот Бошко Карамновиќ, таа година тргна од Кумровец, родното место на Јосип Броз Тито. Мина вкупно 3.500 километри низ мали места и поголеми градови во сите шест републики и двете покраини каде беше масовно дочекана и проследена со специјално подготвена програма. Со ова стартуваа и свечените слетови на стадионот ЈНА во Белград после кои штафетата секоја година лично му се предавала на Маршалот.

Честа да биде прв што ќе му ја врачи лично штафетата на Тито ја доби Мико Трипало, апсолвент по право и претседател на Централниот комитет на младината на Југославија. Меѓу нив (1957 година – 1987 година) и четворица Македонци – Миле Гаврилов, работник од Штип (1960 година), Лилјана Жежова, ученичка од Скопје (1970 година), Чеде Ѓорѓевски, студент од Скопје (1978 година) и Татјана Додевска, вработена како најдобра студентка во тогашниот Секретаријат за внатрешни работи во Куманово (1986 година). Последната штафета ја врачи  младинката од Косово и Метохија, Саниа Хисени.

По смртта на Тито , штафетата на младоста успеа да преживее уште неколку години. Во 1987 година  штафетата беше  направена од плексиглас, со осум капки крв симболи на шесте републики и двете покраини и се смета за пророштво кое навистина се оствари, крвав крај на Југославија што за Тито додека беше жив беше непојмливо.

Во 1988 година беше направен последниот слет со што штафетата дефинитивно замина во историјата, а Југославија по три години ја зафати воениот виор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.