Во зоолошката градина во Атланта 13 горили се позитивни на корона вирусот, а 20 почнале да покажуваат симптоми, како течење од носот, блага кашлица и губење на апетитот, пишува Гардијан.
Брисевите од носот и примероци од изметот пратени се на анализа, па потврдено е дека 13 горили имаат корона.
Во соопштението објавено на веб-страницата на зоолошката градина, надлежните велат дека веруваат дека вакцинирана негувателка, која носела лична заштитна опрема и била асимптоматска кога дошла на работа, веројатно им го пренела вирусот.
„Тимовите ја следат ситуацијата на горилите и се надеваат дека тие потполно ќе се опорават“, вели Сем Ривера, виш директор за здравје на животните во зоолошката во Атланта.
Не е прв случај на корона во зоолошка
Се чекаат понатамошни испитувања пратени во националната лабораторитја на ветеринарната служба во Ајова за потврда, се додава во соопштението. Некои горили примаат моноклонски антитела, а персоналот посветува големо внимание на Ози, 60-годишен мажјак за кој се смета дека е во најголема опасност од компликации на Ковид-19.
Горилите во зоолошката во Атланта живеат во непосредна близина, па не е можно да се изолираат. Кога ќе оздрават, ќе примат вакцина против корона вирус „зетис“ која е развиена за ветеринарна употреба.
За потсетување, во февруари во зоолошката во Сан Диего, исто така беше забележана појава на корона вирус меѓу горилите. Имено, пред неколку недели, осум од нив се заразија со корона вирус, а сите животни оздравеа.
Се заразија и два снежни леопарди, но добро реагираат на лекувањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.