На одбележувањето на Светскиот ден на заштита на животната средина, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и премиерот Зоран Заев, присуствуваа на акцијата на Град Скопје за расчистување на поранешниот полигон за обука на возачи под Кале.

На акцијата присуствуваа и директорката на УЈП, Сања Лукаревска и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

Факт е дека како резултат активностите на овој проект и на низата други значајни сеопфатни проекти оваа година не разговараме за загаден воздух во главниот град, односно имаме огромно намалување на бројот на денови со надминати концентрации на пи-ем честички – изјави Заев, додавајќи дека некои ќе се повикаат на времето, климатските промени, но факт е дека намалувањето е и резултат на заедничка акција на сите.

Тој апелираше на уште повеќе заеднички акции, истакнувајќи дека успехот во остварувањето на здрава животна средина како наше секојдневие е можен само со координирани, заеднички акции на граѓаните, деловната заедница и општините и државните институции.

Градоначалникот Шилегов порача дека не случајно е избрана оваа локција под Кале, која изминативе три години беше предмет на анализа на Град Скопје и УНДП како дел од проектот „Отпорно Скопје“ и изготвени се две студи: Студија за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје и Студија за ерозија и акциски план на Град Скопје.

Оваа локација-ридот на Кале е една од најкритичните точки на градот во смисла на ерозија и согласно таа студија во изминативе две и пол години, Градот Скопје во соработка со УНДП има засадено над 11.500 садници со цел спречување на ерозивните процеси. Сакам да најавам дека оваа локација во иднина ќе биде во фокус на градот во смисла на уредување на јавниот простор. Овој простор треба да премине во организирано паркирање, но и да се изградат нов памптрак полигон, скејт парк, кошаркарски игралишта со цел овој простор кој во минатото беше сериозно девастиран и заборавен од градските власти да го ставиме во употреба на Скопјани. Со уредувањето на овој простор, што локациски се наоѓа во непосредна близина на Градскиот парк, и воведување организирано паркирање планираме да го направиме многу подостапен пристапот до Градскиот парк, забавниот парк, Зоолошката градина – изјави Шилегов.

Тој апелираше до скопјани, особено граѓаните што доаѓаат од Аеродром, Ново Лисиче, Бутел и Чаир, наместо да одат да паркираат пред ЗОО Скопје да го користат овој простор, што сега е слободен за паркирање, исчистен и релативно безбеден.

Шилегов истакна дека зеленилото во Скопје, здравата животна и јавната чистота средина се императив за него, градската администрација и Владата и дека и понатаму посветено ќе се работи на подобрување на животната средина и јавната чистота во градот, но и на територијата на целата држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.