Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Познањ најави дека Македонија од самитот за Западен Балкан што се одржа во овој град се враќа со грант од околу 43 милиони евра за три проекти.

Крајно сме благодарни за новиот пакет за поврзаност кој денеска беше објавен од Европската комисија и кој опфаќа три проекти од огромна важност за Македонија, во вкупна вредност од околу 42,7 милиони евра, изјави Заев на прес-конференцијата.

Едниот, во износ од 13 милиони евра, е интерконекторот меѓу Република Грција и Република Македонија за снабдување со природен гас.

Овој интерконектор е можеби најзначајниот енергетски проект во овој дел на Европа. Неговата реализација ќе значи можност, иднина, конкурентност, безбедност и сигурност при снабдувањето со природен гас. Државите од Западен Балкан до сега немаа можност за втор снабдувач. Со овој интерконектор РСМ ќе има можност за пристап до огромни количини природен гас- 3,5 пати поголеми количини од сегашниот капацитет, изјави премиерот.

Тој истакна дека Македонија ќе се заложи овој проект да продолжи и кон Косово и Србија, со што, според него, ќе се зголеми енергетската независност на државите од Западен Балкан, но воедно и меѓусебната поврзаност.

Вториот проект, од околу 3 милиони евра се доделени за изградба на заедничкиот железнички граничен премин и патен пристап на Табановце на границата меѓу Република Србија и Република Македонија, а околу 28 милиони евра и се доделени на Македонија за изградба на автопатот А4, отсек БЦ „Блаце“- Скопје.

Освен грантот, премиерот рече дека е почестен што идната година Македонија ќе биде ко-претседавач на шестиот самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, заедно со Бугарија. За прв пат ваков самит ќе биде организиран од страна на земја-членка на ЕУ заедно со земја-кандидат за членство во ЕУ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.