2018 – година во која се опростивме од многу значајни имиња. Година во која отидоа, но не заминаа великани, легенди, луѓе за паметење… Ги споменуваме, ќе ги споменуваме… Ќе пуштиме по некоја солза во нивна чест, ќе зборуваме за нивните дела зашто тие останаа да сведочат за нивното постоење, низ тие дела се чувствува здивот на нивните креатори… Секој од нас има солза која ги наросува очите при помислата дека некој драг не е повеќе со нас. И никогаш нема да бидат заборавени оние кои не напуштиле. Не ги забораваме бебињата кои починаа на Клиника, не ги забораваме ниту родилките кои не ги прегрнаа своите новороденчиња… Ќе го споменеме дваесет и две годишниот Бурхан Латифи од Арачиново кој почина на плажите на Грција обидувајќи се да спаси дете во морето.
Сигурно ќе се сеќаваме на планинарите Калина Велеска и Александар Миновски кои загинаа на врвот Кајмакчалан. Настан кој ни удри врела шлаканица… но се чини… одговорните брзо заборавија.
Им кажавме збогум…
Политиката остана покуса за неколку имиња. Во февруари со неполни 50 години се опростивме од Абдилаќим Адеми македонски политичар, член на ДУИ, кое своевремено беше и министер. Во ноември не затекна прераната смрт на Ружди Љата македонски политичар од редовите на ДУИ и градоначалник на Општина Дебар. Во декември пак одекна лошата вест – почина младиот градоначалник на Општина Охрид, професорот Јован Стојаноски. Не напушти и водачот на Титовите леви сили, македонскиот политичар Слободан Угриновски.
Уметници од кои се збогувавме
На 81 година почина театарскиот и филмски режисер, драмски писател, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра Љубиша Георгиевски. Големото име во театарот, но и големо име во политиката.
Тешка беше загубата на Георгиевски. Но со оглед на годините, уште потешка беше разделбата со големото театарско име – Горан Стефановски. Не напушти на 66 годишна возраст, оставајќи зад себе дела со кои ќе живее уште генерации и генерации.
Театрите се збогуваа со многу имиња. Замина тивката дама на македонското актерство Љупка Арсова Џундева. Не напушти и легендарниот Мите Грозданов македонски театарски, филмски и телевизиски глумец. Драмски театар се збогува со уште едно големо име – Ванчо Петрушевски македонски глумец кој ќе го паметиме од Македонските народни приказни, од Хихирику, по големите улоги… Не напушти Рамче.
Се збогувавме и од Љупчо Тозија македонски режисер, директор на Македонската радиотелевизија и амбасадор во Италија, како и од режисерот Тихомир Бачовски. Замина и Салаетин Билал македонски театарски, филмски и телевизиски глумец од турска националност.
Топлото јулско утро започна со лоша вест – почина Влатко Илиевски, македонски пејач на поп и рок музика, дипломиран актер. Не напушти и Александар Дворчанец познат како Сале Блузмен, македонски музичар – свирач на усна хармоника и вокал, член и фронтмен на култната македонска група Crossroad Blues Band. По тешко боледување на 67-годишна возраст почина македонскиот рок – музичар и гитарист, поет, сликар и основач на културното движење „Мактеон“ Симеон Иванов Канго.
На 82-годишна возраст почина балерината Вера Бранѓолица, родена Божиновска, една од основоположниците на балетската сцена во Република Македонија. Поранешната првенка на Македонската опера, Павлина Апостолова- Богданова почина во Скопје на 90 годишна возраст.
Академици кои заминаа
Почина Матеја Матевски македонски поет, литературен и театарски критичар, есеист, преведувач. Се опростивме и од Блаже Ристовски, македонски книжевен историчар, филолог, фолклорист и историчар, кој во првата Влада на Република Македонија од 1991 беше избран за потпретседател.
Замина и македонскиот историчар Иван Катарџиев еден од основоположниците на македонската историска наука и академик. Се опростивме и од Цветан Грозданов прв министер за култура на Македонија и поранешен Претседател на Македонската академија на науките и уметностите во периодот од 2004 до 2008 година. Почина академик Милан Ѓурчинов , македонски есеист, критичар, книжевен историчар, антологичар.
Спортски поздрав за големите имиња
И спортот остана покус за неколку големи имиња. Замина Благој Истатов поранешен македонски фудбалер, кој играл на позицијата голман. Не напушти и Бранко Давидовски — Мајка македонски фудбалер, а подоцна и новинар, доајен на македонското спортско новинарство.
Почина и Влатко Коруноски-Ларата, македонски ракометар, легенда на некогашниот прилепски машки ракометен клуб РК „Тут-ком“. Уште еден прилепски ракометен великан ги склопи очите во 2018 година – Петар Кузманоски – Таста, идол на многу ракометни спортисти и успешен обучувач, ракометен тренер на плеада ракометари и ракометарки, во рамки на некогашниот клуб „ТУТ-КОМ“.
Замина и поранешниот македонски олимпиец Коце Ефремов, оставајќи го македонскиот спорт без уште еден великан. Почина македонскиот шахист, носител на титулата мајсторски кандидат (МК), Атанас Русоманов. Се збогувавме и од Дарко Арсов, освојувач на златен медал во пливање на Специјалната олимпијада во 2011 година. Македонскиот спорт остана без еден од своите најистакнати атлетски работници, Атанас Кираџиев.
Збогум Зеко, збогум Жабар
Не може а да не се споменат скопските урбани легенди. Годинава не напуштија Зоран Атанасов – Зеко познат скопски шоумен, пејач и угостител, и еден од главните создавачи на ноќниот и забавен живот во Скопје од крајот на 1980-тите. Почина и скопската урбана легенда Илија Саздов, познат како Жабарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.