Британската Влада соопшти дека 15 милиони луѓе веќе ја примиле првата доза на вакцината против корона вирусот.
Официјален Лондон соопшти дека ја постигнал целта до средината на февруари, со барем една доза, да вакцинира четири групи луѓе за кои се смета дека се најранливи на корона вирусот.
Четирите приоритетни групи беа повозрасни жители на домови за грижа и персоналот во домовите; лица на возраст над 80 години и здравствениот персонал од првата „борбена“ линија; луѓето на возраст од 70 години и повеќе; како и луѓе кои се клинички исклучително ранливи.
Првичната цел беше да се обезбедат првите дози за корисниците на домови за стари лица и персоналот до крајот на јануари, што беше скоро исполнето, додека следната цел беше да се заштитат сите четири групи до 15 февруари. Министрите потоа објавија дека целта е да се вакцинираат сите девет главни приоритетни групи, кои ја сочинуваат првата фаза од програмата за вакцинација, пред почетокот на мај – пишува весникот.
Следните пет групи се лица постари од 65 години, стари меѓу 16 до 64 години кои се сметаат за ранливи, а потоа постари од 60 години, 55 и 50 години.
Иако не е поставена никаква формална цел, вакцини треба да им се понудат на сите возрасни до есен, иако дотогаш можеби ќе биде потребен трет круг на „засилени“ вакцини за борба против новите мутации на Ковид-19.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.