Ниту едно дете од основно или средно училиште досега не било позитивно на ковид-19, изјави денеска министерот за здраввство Венко Филипче.
Скринингот за ковид-19 во училиштата низ Македонија почна вчера во две скопски средни училишта, гимназијата „Зеф Љуш Марку“ и медицинското училиште „Д-р Панче Караѓозов“.
Вкупно, 8.178 ученици од 80 општини и градот Скопје, од 364 основни и 109 средни училишта низ земјава ќе бидат опфатени со скринингот за рано детектирање и превенција од ковид-19. Освен средношколците во Скопје вчера беа тестирани ученици од Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа.
Се тестираат деца во средните училишта во Скопје и во повеќе основни училишта во повеќе градови. Досега нема стигнат позитивен тест на ниедно дете во училиштата, било во основните, било во средните што е одличен знак. Но, да почекаме се уште е рано. Тие родители кои не даваат согласност се оди на алтернатива на друго дете во класот согласно методологијата. Досега некаков отпор нема, не верувам дека ќе има. Апелирам да се свесни родителите дека со земање обичен брис не е никаков ризик и како метода многу ќе научиме за ситуацијата со епидемијата кај нас, рече Филипче.
Во врска со скринингот за хронично болните, посочи дека за скринингот разговараат со претставници на Светската здравствена организација и ќе ги вклучат и тие експерти и тоа ќе трае подолго време.
Не е тоа анализа што може да ја завршиме за кратко време, ниту пак може нешто да научиме за кратко време. Сепак е тоа анализа на ситуацијата во однос на хроничните болести кај сите граѓани во нашата земја, така што тоа е процес што ќе започне и веројатно ќе трае повеќе месеци, рече Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.