Преку националниот портал за услуги „uslugi.gov.mk“ од денеска граѓаните ќе може да добијат уверение од казнена евиденција. Начинот е брз, процедурата едноставна и сигурна, со што на граѓаните им се заштедува време, пари и нерви.

Во брзо време истото ќе може да се направи и за изводите од кривична евиденција, а се работи и на трета услуга, односно дигитално издавање на уверение дека против некое лице не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Сите овие уверенија и потврди на граѓаните им се потребни за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство. Со други зборови, тоа е доказ дека нема сторено кривично дело, не се води кривична постапка. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер ќе мора да има ваква потврда. Поголем број странски компании во земјата бараат вакви изводи при процес за вработување на некое лице – изјави премиерот, Зоран Заев.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, меѓу другото посочи дека дигитализацијата генерално придонесува и за сузбивање на корупцијата.

Колку повеќе процесите се дигитализирани, токму се помали шансите за човечко влијание во истите – изјави Маричиќ, посочувајќи дека ова не е уникатен заклучок само за Македонија, туку компаративните анализи во светот покажале дека дигитализацијата ја намалува корупција и тоа според мене дава дополнителна вредност во целиот процес.

Претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, појасни дека дигиталните услуги за издавање на уверенија од казнената евиденција се однесуваат во овој момент на физичките, а во активност е имплементирање и за правните лица и ги опфаќаат сите основни судови кои постапуваат по кривичните и прекршочните предмети.

Услугата обезбедува ефикасен пристап до правдата, штеди ресурси, време и ги намалува трошоците. За пример, доколку се има во предвид дека судовите на годишно ниво со физички пристап на корисниците односно на граѓаните издаваат повеќе од 100 илјади потврди, односно уверенија, а реално потрошеното време просечно изнесува од 10 до 20 минути по дадената услуга судовите трошат само за оваа услуга 58 до 60 дена во текот на една година или дневно три до четири часа само за оваа услуга, а секој барател по неколку часа дневно. А доколку се однесува со место на раѓање во друг град од местото на живеење и цел ден. Со користење на оваа алатка која што ја промовираме потрошеното време нема да биде повеќе од 10 минути –  истакна Нанев.

Kако што посочи тој, ова значи ефикасен пристап до услугата и истовремено намалување на трошоците и времето, обезбедува заштита на повеќе од 30 пакети хартија, повеќе од 100 тонери, односно изразено во финансиски средства повеќе од еден милион евра на годишно ниво, што навистина претставува значителна финансиска инјекција за самите судови.

Нанев истакна Нанев дека услугата овозможува електронско поднесување на барањето, електронско плаќање преку платежната картичка и електронско добивање на потврдата, односно уверението во ПДФ формат со бар код, односно сертификат што подразбира поврзување на документот со електронскиот потпис и електронскиот печат којшто е издавач на документот со којшто се потврдува идентификацијата и веродостојноста на документот.

Веродостојноста и доказната вредност односно доказната сила на самиот документ се утврдува со скенирање на бар-кодот со мобилниот телефон андроид или ајфон којшто ве упатува на издавачот на услугата – вели судијата Нанев.

Тој напомена дека издавањето на уверението од казнената евиденција нема да ги ограничи во овој момент граѓаните кои не користат дигитални алатки, што значи дека физичкиот пристап, односно алтернативниот начин ќе им биде овозможен во овој преоден период.

Дигиталната услуга е обезбедена со заедничка координација на Советот на ИКТ Врховниот суд, Судскиот совет, Министерството за правда и МИОА и со целосна поддршка на сите 26 суда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.