Во Собранието денеска ќе се одржи тркалезна маса на тема „Промена на изборниот модел од шест во една изборна единица и отворени листи“.

Тркалезната маса, како што информираат од Собранието, е со цел јакнење на плуралноста на македонската политичка сцена и демократизација на самиот изборен процес, како и за демократизација на целото општество, а во организација на Иницијативата за една изборна единица во која се вклучени 12 пратеници.

Најголемите политички партии од власта и опозицијата на неодамнешната лидерска средба се договорија да се одржат предвремени парламентарни избори во април в година, но останува отворено прашањето дали тие ќе се одржат по постојниот изборен модел или ќе се менува Изборниот законик. Државната изборна комисија вели дека е подготвена да спроведе избори по кој било модел за кој ќе се договорат партиите. Граѓанските организации, пак, сметаат дека е потребна промена на моделот, но оти времето е кусо тоа да се направи пред овие избори.

Помалите политички партии и овој пат пред избори, како и повеќепати досега, го отворија прашањето за промена на изборниот модел со една изборна единица кој, како што сметаат, би овозможил еднакви шанси на изборите и за нив, а не само за поголемите партии.

Четирите најголеми политички субјекти во земјава имаат различни ставови во однос на изборниот модел. Владејачката СДСМ бара воведување една изборна единица со отворени листи, според ВМРО-ДПМНЕ граѓаните најдобро ќе бидат претставени со мнозински изборен модел, за ДУИ најдобар е системот со шест изборни единици, додека Алијанса за Албанците е за осум изборни единици.

Со оглед на различните ставови на политичките партии, очекувањата од евентуалните разговори за новите изборни правила не се многу големи. Поголема е веројатноста промените да се сведат исклучиво на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР од последните изборни циклуси во земјава.

Во Собранието денеска ќе се одржи и седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на која ќе бидат презентирани заклучоците од јавната расправа за состојбата во затворите во земјата.

Седница во Парламентот денеска ќе одржи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која на дневен ред е Предлог-закон за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во земјата, во прво читање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.