Собраниската комисија за финансирање и буџет како матична комисија денеска трет ден ја продолжи општата расправа за Предлог-буџетот за 2022 година. Во претпладневниот дел од расправата акцентот беше ставен на капиталните инвестиции кои, според опозицијата, имале слаба реализација изминатите години и не очекуваат дека нешто ќе се промени, додека според надлежните, годинава има поголема реализација од лани.

Според пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, за поздравување е примената на златното правило – капиталните расходи да се поголеми од буџетскиот дефицит, но прашање е колкава ќе биде реализацијата на капиталните инвестиции имајќи го предвид искуството од претходните години кога реализацијата била под 50 проценти.

Ако имаме некаде консензус, тоа се капиталните инвестиции. Треба волја и начин како тие да се реализираат. И мене како опозициски пратеник ќе ме радува доколку имаме поголема реализација на капиталните инвестиции – изјави Петрушевски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во реакцијата на излагањето на Петрушевски нагласи дека досега има околу 56 проценти реализација на капиталните инвестиции и има значително подобрување во однос на минатата година. Еден од инструментите, како што посочи е, КАПЕФ механизмот со кој се наградуваат буџетските корисници кои имаат висок степен на реализација на капиталните расходи.

Расправата за Предлог-буџетот трае 10 дена од кои пет за општата расправа и пет за амандманска расправа. Согласно законските рокови, буџетот треба да биде донесен најдоцна до крајот на годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.